Во интервју за телевизија Сител, еден од новите потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, кажа дека партијата и историски, а и во дејствувањето како политичка партија секогаш била прозападно ориентирана, која што се стремела за независна македонска држава која што ќе е во сојуз со западните сили.
-Тоа е основата на која сакаме да ја градиме новата политика на ВМРО-ДПМНЕ, тоа значи силно сојузништво со земјите членки на НАТО и на ЕУ, партнерство со САД, со Велика Британија, со Германија, Франција, Италија и останатите големи сили. Ние секако имаме свои принципи и свои вредности зад кои што стоиме и ќе се обидеме на нашите партнери од меѓународната заедница да ги претставиме истите, изјави Николоски.
Тој напомена дека приоритет на ВМРО-ДПМНЕ е Македонија час поскоро да стане членка на НАТО алијансата и час поскоро да почне преговори со ЕУ и успешно да ги заврши и стане членка на унијата.
-Секако тука има предизвици поврзани со спорот кој го имаме со Грција, но ќе се обидеме во рамки на нашите вредности како што кажав да стекнеме симпатии во меѓународната заедница, изјави Николоски.
Тој во интервјуто за Сител кажа дека смета дека е многу опасно за Република Македонија процесот да излезе надвор од рамките на ОН.
-Доколку излезе надвор од овие рамки Македонија ќе е таа која што ќе изгуби. Ние како помала држава во овој спор секогаш мора да се држиме до правилата и принципите на меѓународното право, а рамката во ОН е единствената која што ни одговара нам, на Република Македонија, изјави Николоски.
Тој зборуваше и за односите на ВМРО-ДПМНЕ во иднина со албанските партии, кажа дека политики на исклучивост или политики на наметнување како што е изгласувањето на Законот за јазиците можат само да ги оддалечуваат.
-Силно партнерство е потребно и потребно е разбирање, ниту треба да има мајоризација на мнозинството над малцинството, но ниту обратно не треба да има мајоризација на малцинството врз мнозинството. Ако успееме да изградиме едни принципи на партнерство, тогаш мислам дека Република Македонија има стабилна иднина, а секако и ВМРО-ДПМНЕ ќе може да има силни партнери во албанскиот народ, изјави Николоски.
Тој кажа дека вчерашниот избор на новите потпретседатели и Извршниот Комитет е избор на Централниот Комитет на партијата.
-Секогаш и пред претходни избори било така, некогаш биле едни избирани, некогаш биле други избирани. Јас имам лично висока почит за сите луѓе кои во моментов даваат многу во ВМРО-ДПМНЕ и даваат многу во иднината. Треба сите нив да ги почитуваме, да им бидеме благодарни, но во исто време да ги користиме нивните потенцијали. Јас мислам дека со ова ново раководство, но и со политиките кои ќе ги промовира, ние ќе успееме да привлечеме далеку поширок круг на луѓе кои што ќе го поддржуваат ВМРО-ДПМНЕ, од тоа што беше на последните локални избори. Само отворена ВМРО-ДПМНЕ е рецепт за успех, сето различно од ова може да не води во непосакуван правец, изјави Николоски.