Со мене го носам еден од најсомнителните делови на договорот каде што вели дека изведувачот има право да ангажира специјалист или специјалисти во множина чии што број ќе биде договорен помеѓу изведувачот и владата, кој што ќе имаат четири насоки на работа, создавање на спецификации за автопатите, создавање на студии за влијание врз животната средина, понатаму студии за влијание врз заштитеното богатство од УНЕСКО во Охридскиот регион, како и разгледување на спецификациите на автопатите. Значи ова се најмалку четири спецификации што значи дека еден координатор и четири вакви, најмалку пет вакви лица би имало ангажирано, иако бројот е недефиниран, што значи дека може да се и 15 и 20 и 50 лица. Месечната плата ќе биде ни помалку, ни повеќе 36.500 евра. Значи овој специјалист ќе зема 36.500 евра, ексклузивно објави нови делови од договорот за изградба на коридорите потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во вечерашното гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.
На прашањето дали ова се суми пресметани во договорот од 1 милијарда и 300 милиони евра, Николоски посочи дека оваа сума од 11 милиони евра за ангажирање на специјалисти не е пресметана и тоа се дополнителни средства кои што ќе ги плаќа владата.
-Не, ова се суми кои што дополнителни треба да ги плати владата. Што значи теоретски доколку еден човек се ангажира за 5 години колку што владата вели дека ќе се изведат автопатите, во тој случај само еден човек би зел 2 милиони и 190 илјади евра. А доколку се ангажираат најмалку 5 лица колку што минимум треба да се ангажираат според овој договор, тие би зеле фантастични 11 милиони евра дополнителни средства од владата, изјави тој.
Николоски направи компарација и рече дека претседателката на Европската комисија зема плата од 22 до 24 илјади евра месечно, додека лица кои не се инженери туку само еден вид на надзор ќе земаат поголеми примања.
-Не е спорно дали се експерти или не, спорно е што претседателката на Европската Комисија Урсула Фондер Лаен има 22 до 24 илјади евра месечна плата. И спорно е што нема инженер во светот кој што зема 36.500 евра месечно, а овие не се ни инженери, овие се специјалисти кои што треба да надгледуваат како се одвива работата на автопатот, значи некој вид на надзор. Тоа е во делот 13 страна 2 од 13 и вториот дел 3 од 13, нагласи Николоски.
Николоски ја повика владата на СДС и ДУИ да го демантира или да го потврдат ова што тој го изнесува, укажувајќи дека со самото тоа што се крие договорот од јавноста само по себе остава сомнеж за криминал.
-Нека излезат од влада нека демантираат или нека потврдат дали е ова вистина. Нека излезат и нека кажат бидејќи само по себе остава сомнеж во јавноста на кој начин ќе се трошат парите затоа што не сакаат да го објават договорот. И тука има два моменти. Прво е да излезат и да кажат еве го договорот и да го видиме и да споредиме дали ова што го кажувам е вистина или не. И втората работа мора да понудат одговори во јавноста зошто ова е направено, дециден е Николоски.