Денес потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски и меѓународниот секретар и член на ИК Владимир Ѓорчев ја следеа онлајн конференцијата во организација на пратеничката група на ЦДУ-ЦСУ насловена како „Зацврстување на Трансатлантското партнерство ориентирано кон иднината“.
На конференцијата се разговараше за зацврстување на соработката помеѓу Европа и САД и се презентираа размислувања за иднината на трансатлантското партнерство со САД како земја партнер на земјите од Европа. На конференцијата се дискутираше и се донесоа заклучоци за иднината на партнерството во наредните четири години и методите преку којшто ќе се зацврсти соработката во иднината.
Онлајн конференцијата беше отворена од канцеларката Ангела Меркел, Ралф Бинкхаус координатор на пратеничката група на ЦДУ-ЦСУ како и заменик координаторот на пратеничката група Јохан Давид Вадефул.
На онлајн конференцијата зедоа учество и Хедер Конли, потпретседател и директор на програмата за Европа, Русија и Евро – Азија на Центарот за стратегиски и меѓународни студии, Јурген Хард портпарол за надворешна политика на пратеничката група на ЦДУ-ЦСУ и Петер Бејер координатор за трансатлантска соработка во Федералното министерство за надворешни работи, а за подоцна е планирано да се обрати и пратеникот на ЦДУ Рејнхард Брандл кој е претседател на работната група за надворешна политика и одбрана во Бундестагот.