Овие избори не се само градоначалник, овие избори не се само за проектите за кои што сум убеден дека ова прекрасно дуо во соработка со централната власт исто така ќе ги реализира. Овие избори се референдум за иднината на Македонија, овие избори се референдум дали Македонија ќе се менува и ќе се случат промени или ќе продолжи да владее оваа власт на Зоран Заев. Овие избори се прашање на кое што вие треба да одговорите дали ќе им дадеме уште четири години ја пустошат Македонија или на Македонија ќе и се случат промени, вели Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ на денешниот митинг во општина Росоман.
Николоски додаде дека одговорот за тоа во кој правец ќе се движи Македонија се граѓаните, повикувајќи ги да излезат масовно на локалните избори на 17ти октомври да дадат поддршка за кандидатот за градоначалник и советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ во Росоман.
-Овие избори даваат одговор на прашањето дали во Македонија корупцијата ќе продолжи да цвета, дали во Македонија економијата ќе продолжи да тоне, или ќе дојдат компетентни луѓе кои ќе се борат со организираниот криминал и корупција и ќе ги менуваат работите во Македонија и Македонија економски ќе расте, ќе се соочува со предизвиците и ќе се случуваат промени. Така што клучот на овие избори сте вие и затоа е потребна една масовна голема излезност. Да излезат сите на гласање и да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, да гласаат за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ И советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ, потенцираше тој.
Николоски нагласи дека она кое што го загрижува е тоа што не се вреднува маката и трудот на работливиот човек од овој крај, додавајќи дека мора силно да се спротивстават на зелената мафија која картелски се здружува и ја јаде маката и трудот на земјоделците.
-Она кое што ме загрижува е што не се цени маката на работливиот човек. Вие сте вредни и чесни луѓе, вие сте луѓе кои што живеат од пот и мака. Не ви го ценат трудот, без разлика дали е тоа од откупната цена на грозјето, откупната цена на праската, откупната цена на пиперката и сето она што се произведува. Не ви се цени трудот и тоа е она што најмногу ме загрижува и тука мора силно да се спротивставиме на она што јас го нарекувам зелена мафија. Мора да се спротивставиме на картелското здружување на откупци и прекупци кои што ви ја јадат маката и ви го јадат трудот, потенцираше Николоски пред граѓаните на Росоман.