Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и потпретседателот на партијата, Александар Николоски се следени и прислушкувани во континуитет.
Ова во вечерашното гостување во „Тема на денот“ на Сител телевизија го изјави Николоски кој посочи дека континуираното следење се врши нелегално од страна на структури кои формално се во рамки на безбедносните структури во Македонија, но ја злоупотребуваат својата службена положба и овластување.
-Најследен е претседателот Христијан Мицкоски, исто така и јас сум следен и одредени други членови на ВМРО-ДПМНЕ. Не мислам дека тоа е демократска алатка којашто може власта да ја користи, наместо да се занимаваат со нас, да се позанимаваат со финансирањето на бугарските здруженија. Притоа, не мислам дека е демократски и нормално да високи функционери од безбедносните сили се гледаат со новинари и да им пласираат полуинформации и невистини, коишто после бараат од нив да ги објават во јавноста насочени кон опозицијата, изјави Николоски.