Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски синоќа во Сопот оствари средба со лозарите кои имаа проблем со откупот на грозјето.
-Ние сме една поразлична опозиција. Но, опозиција која што е цело време со луѓето, и со маките на луѓето. Ја слушнавме маката на лозарите, и на земјоделците од целиот Тиквешки регион. И затоа вечерва дојдовме да поразговараме со нив. Маките се огромни, маките кои што ги слушаме од луѓето навистина се болни и навистина е жално да се види и да се слушне дека целиот род останува неоткупен. Зелената мафија царува и во откупот на грозјето, за ова зборувавме пред изборите и бевме јасни дека ова ќе се случи доколку СДСМ остане на власт. За жал коалицијата на СДСМ и ДУИ остана на власт. И имаме огромен проблем со откупот на грозје. Само во Сопот каде што сме вечерва остануваат неоткупени помеѓу 9 и 12 милиони тони грозје, што значи скоро целокупниот род, истакна Николоски.
Тој рече дека владата на чело со Зоран Заев се што вети излажа.
-Ветија гарантирани откупни цени над 9 со 11 денари, а во моментов откупните цени за тие што имаа среќа да го предадат грозјето се сведени на 2 со 4 денари. И тука субвенциите не помагаат ништо. Затоа што производната цена на грозјето е 15 денари, а се откупува со 2 со 4 денари, таму каде што имаат среќа лозарите да го предадат. Најголем дел воопшто не можат да го предадат затоа што воопшто нема откуп.
Заради овие причини, две работи предлагаме. Прво, Комисијата за земјоделие во рамки на Собранието предводена од Љупчо Димовски кој што е вечерва со нас, побара во поддршка на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата организирање на надзорна расправа во Собранието, за состојбата во лозарството и откупот на грозјето. Таа надзорна расправа ќе се случи следната недела и на неа очекуваме сите надлежни од Владата да дојдат и да се соочат со земјоделците, да се соочат со нивниот гнев и мака. И заеднички да се најде решение доколку е тоа возможно. И второ, основното барање кое што го има ВМРО-ДПМНЕ до владата е да се направи организиран државен откуп на целокупното грозје кое што не е откупено. Државата има можност, има сили и има простор во буџетот. Да не се купуваат 50 луксузни автомобили, туку да се откупи целокупниот род на грозје кое што останува по нивите оваа година во Тиквешко и цела Македонија, затоа што немаат слух за маката на земјоделците. Значи бараме организиран државен откуп, државата да го откупи грозјето кое што останува неоткупено. Ќе продолжиме со овие активности и со средби луѓето. Револтот е голем ќе не има секаде во Тиквешијата, ќе не има на улиците заедно со луѓето, ќе не има и по нивите, ќе не има пред винариите, ќе не има пред надлежните институции. Заедно со луѓето да најдеме решение за оваа мака која што ги задеси, а за која што е виновна старо – новата крими коалиција СДСМ/ДУИ, нагласи Николоски.