Оваа преговарачка рамка е апсолутно неприфатлива, ние сме многу јасни. Ова не е преговарачка рамка за напредување на Македонија кон членство во ЕУ, ова е преговарачка рамка за постојано уценување, затоа што клучните елементи се целосно и исклучиво во корист на Бугарија, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за „Жешко политичко лето“ на Канал 5.
Николоски истакна дека македонските граѓани мора да бидат прашани и да дадат свој став да прифаќаат ваква преговарачка рамка и Македонија да има повеќе услови од останатите земји членки кога се приклучувале на ЕУ, и затоа се бара референдум.
– Во однос на референдумот прашањето се уште не е дефинирано, ние кажавме дека во текот на август ќе правиме консултации со експертската јавност во однос на најдобро формулирање на прашањето и најдобро барање на суштината на ова што е проблем за Македонија, а тоа е континуираната уцена на Бугарија. Главниот фокус е насочен кон спорниот член 5 од преговарачката рамка во кој што под критериуми за членство за Македонија се додаваат уште два нови, едниот е договорот за добрососедство со Бугарија, а вториот е член 12 и протоколите кои секоја година треба да излегуваат, истакна Николоски и додаде дека од ВМРО-ДПМНЕ поддршка за промена на Уставот нема, тоа е јасен кристален став.
Во однос на националната стратегија, Николоски посочи дека уште во месец март 2020 година кога за прв пат во документ на ЕУ излегоа барањата на Бугарија, ВМРО-ДПМНЕ побара лидерска средба на која би се разговарало за нив.
Побаравме да се направи национална стратегија како да се настапи кон Бугарија. Тогаш Пендаровски рече дека нема потреба од таа работа и дека тоа се предизборни цели на Македонија. Тие предизборни цели сега се официјална позиција на ЕУ преточена во преговарачка рамка. Ние мора да изградиме заедничка национална политика од која никој нема да отстапува, да не ни се случи како Декларацијата во Собранието која ја усвоивме од која владата отстапи, нагласи Николоски.
Николоски потенцира дека клучно е да се ресетира системот, да се направи систем кој ќе има функционално владеење на право и добра економија.
– Една реформирана држава и економски силна може да има повеќе пријатели кои ќе вршат притисок врз Бугарија, но држава која е на 111 место по корупција не може да очекува главните европски играчи да сакаат да ја видат на иста маса со себе, изјави Николоски.