„Она што го усвои бугарскиот Парламент условите се уште полоши затоа што се додадоа и нови работи. Вкупно девет работи се додадени од страна на Бугарија во овој период од десетина дена. Она што е битно е што намерата на Османи не коинцедира со изјавите кои што ги дава. И Османи се обиде да продаде со една ситна финта дека корегирањето на две реченици во бугарската опозиција со амандман во бугарското Собрание значело дека работите се подобриле. Не, работите се исти затоа што таму е многу јасно, прво не се признава македонскиот јазик и се вели дека двете страни треба да дадат свое толкување. А, Бугарите ќе дадат толкување дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик“, истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во централниот дневник на Сител телевизија.
Николоски додаде историските личности од страна на Бугарија сите се пишуваат Бугари, а тоа Македонија ја прави како да е дрво без корен.
Според Бугарите и нивното толкување на македонската историја излегува дека македонскиот народ не постои.
„Трето, се инсистира на промена на Уставот без да имаме било какви гаранции дека тоа ќе е последното барање во текот на преговорите. А, четврто барање е тоа што се става јамка околу вратот на секоја идна Влада затоа што доколку се следи т.н. протокол на спроведување на Договорот за добрососедство или да поедноставиме тоа што Бугарија сака да го види во Македонија, секоја следна Влада ќе биде блокирана во преговорите. И тоа значи дека преговорите никогаш нема да завршат, затоа што Бугарија ќе може да ги блокира“, појасни Николоски.
Тој потсети дека пролетта 2018-та година предупреди дека Бујар Османи тогаш како потпретседател на Владата за европски прашања работи на тоа Македонија и Албанија да влезат во една група, а тогаш Македонија не беше во група со Албанија.
„А, на тоа власта тогаш рече дека е научна фантастика. Но, за жал предупредувањето се оствари. А, сега нему му изгледа дека се работи како Албанија да започне преговори, а за Македонија што биде биде“ – рече тој.