Објавувањето на слободното земјоделско земјиште не е ограничено на над три хекатри, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
-Сите капацитети на МЗШВ се ставени во фунција на евидентирање на целото слободно земјиште и согласно Законот, се објавуваат огласи за доделување до и над три хектари, истакна Николовски, одговорајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата на која соопшти дека се објавени пет јавни повици од Програмата за рурален развој.
Според Николовски, вчера објавениот оглас е прв и наменски, за производителите на житни култури.
-Ги повикуваме земјоделците да аплицираат. Постапката ќе биде многу кратка, 20 дена за аплицирање. Приоритет на Владата сега беше да објави оглас за површини кои се поголеми, 650 целини се ставаат на располагање за да се зголеми производството на стратешките култури, истакна министерот и најави дека многу скоро МЗШВ ќе и предложи на Владата да распише оглас за нови 6 000 хектари.