На вечерашниот масовен митинг кој се одржа во Скопје, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски посебен дел од своето обраќање издвои за вработените во јавната администрација.
-Оваа власт неоправдано ја запоставува, игнорира, истовремено и ја притиска. Се однесува нетолерантно, како нешто што природно и припаѓа. Постојано го слушам премиерот како се жали дека била неефикасна, некорисна. Но нејзината ефикасност е толку голема колку што е и ефикасноста на менаџментот во администрацијата. Сите вие вработени сте со име и презиме и имате свое достоинство, чест и углед. Не дозволувајте да бидете застрашувани, не потклекнувајте на уцените и заканите кои знам дека ги имате. Бидете храбри и излезете и гласајте по својата волја. Зад параванот сте сами, и ниту една уцена нека не ја смени вашата одлука да одберете правда за Македонија. Промените доаѓаат, работите брзо ќе се сменат и сигурноста која сега ја немате ќе дојде. Професионалните и добрите работници секогаш ќе бидат дел од тимот кој ќе ги создава и носи промени. Ве молам да ме слушнете, власта е на колена. Зоран Заев клечи и потребно е да го зададеме последниот удар. Ништо не ви можат, дојде денот, рече Мицкоски.