По повод меѓународниот ден на слободата на печатот, денес се одржа прес-конференција на која се обратија претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани и министерот за транспарентност и отчетност, Роберт Поповски.
Како што пренесоа дел од медиумите, новинарот Един Хајдерпашиќ го запраша Селмани на која страна е всушност тој, дали ги брани правата на медиумските работници или пак ја поддржува политиката на сите влади досега која според него се коси со правата на новинарите и медиумите во известувањето.
-Насер, на која страна си ти, за чии права се бориш? Лицемерни сте, седите тука во машни и костуми, додека новинарите се под закани, уцени и истраги. Велите дека работите на подобрување, но всушност не преземате ништо во врска со тоа, новинарите работат за плата помала од 300 евра, рече Хајдерпашиќ.
По ова негово излагање, од Селмани доби кус, ироничен одговор: „Очекувате ли јас да ви дадам плата“?
Медиумските работници прашањето за ниските плати го упатија и до министерот од Владата на Заев, Роберт Поповски, чиј одговор беше дека нема магично стапче за зголемување на платите, а и не може да ги натера со сила сопствениците на медиумите да го направат тоа.
-Немаме магично стапче, работиме на зголемување на платата на сите граѓани во државата не само на новинарите. Ќе ги повикаме сопствениците на медиумите на дискусија за да изнајдеме заедничко решение, рече Поповски.