Првиот јавен повик за кофинансирани грантови за мали и средни претпријатија денеска е објавен на веб-страниците на Владата и на Фондот за иновации и технолошки развој.
Со него се предвидува до крајот на годинава да им бидат доделени 10,5 милиони евра на малите и средни претпријатија во земјава од третиот столб на Планот за економски раст.
Со повикот, кој ќе биде отворен до 11 јули, се повикуваат претпријатијата да ја искористат можноста за кофинансирање од страна на Владата за една од четирите мерки.
Првата мерка е за брзорастечки компании и „газели“ на кои им се нудат по 10 милиони денари, односно 30 отсто од вкупно вложените средства за набавка на нова опрема и финансирање на развој на нова технологија, а се однесува на компании со до 250 вработени и минимални годишни приходи од три милиони денари.
Втората мерка се однесува за микро компании до пет вработени и годишен приход од три милиони денари на кои им се нудат до пет милиони или 30 отсто за набавка на технологии и изградба на хали. Третата се однесува за компании со доминантна сопственост на македонски граѓани на кои им се нудат до 20 милиони денари или 70 отсто од вкупниот износ на инвестирани средства за инвестициски развој и маркетинг, а четвртата е за поддршка на млади лица до 29 години за усовршување во странство за што државата им нуди до еден милион денари.
Критериумите за секој од столбовите и начинот на аплицирање заедно со апликациските форми се објавени на веб-страниците на Владата и на Фондот, а, како што беше посочено на денешната прес-конференција во Владата, евалуацијата ќе ја врши специјална комисија од надворешни стручни лица за која наскоро ќе биде објавен јавен повик за ангажирање стручни лица.
Во прв момент е предвидено да нема второстепена комисија за евалуација, а доколку има проблеми при распределбата на средствата ќе се формира во вториот и третиот повик што треба да бидат објавени до крајот на годинава.