Имплементацијата на Методологијата за квалитативно оценување на судиите и на претседателите на судовите продолжи со обука на судии кои се членови на комисиите формирани од Судскиот совет. Во соработка со Центарот за правни истражувања и анализи денеска во Скопје се обучуваат судии од Врховниот суд, судии од апелациските судови, како и судии од Вишиот управен суд, кои ќе ги оценуваат судиите од апелациите, основните судови и Управниот суд за да се изврши селекција и бодување на кандидатите кои се пријавени на огласите на Судскиот совет.
Методологијата за квалитативно оценување, се вели во соопштението од Судскиот совет, преставува нов модел на евалуација на трудот на судиите, односно оценувањето нема да го прави Судскиот совет како до сега, туку самите судии ќе ги вршат проверките на перформансите за квалитет на секој судија.
– Методологијата е вградена во АКМИС системот и со нејзината дигитална примена ќе се изберат пет предмети по случаен избор кои ќе бидат оценувани од комисиите, но судијата ќе има право да предложи и други пет предмети по негов избор, се вели во соопштението од Судскиот совет.
Преку оценување на десетте предмети на судијата практично ќе се дефинира неговата вкупна оценка. Првпат при оценувањето ќе се земат предвид сите елементи поврзани со судиската работа и евалуацијата ќе се врши врз основа на објективни, а не на субјективни критериуми. Едноставно, со внесување на податоците за конкретен предмет, самиот систем ќе ја одреди оценката за судијата, а не тоа да го прави човечки фактор.
Со ваквиот начин на оценување, се наведува во соопштението од Судскиот совет, во иднина ќе напредуваат само оние судии кои реално заслужуваат, а така ќе се гради независноста, обејктивноста и одговорноста на судството, и преку воспоставување на овие принципи ќе се врати и довербата на граѓаните во судството. (МИА)