четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Очите на Европа вечерва свртени кон „Вембли“, македонските политичари откриваат кој е нивниот фаворит

Очите на Европа вечерва свртени кон „Вембли“, македонските политичари откриваат кој е нивниот фаворит

Репрезентациите на Италија и Англија вечерва од 21 часот ќе го одиграат финалето на Европското фудбалско првенство. Вниманието на европската јавноста е свртено кон фудбалот и кон тоа кој ќе биде победникот и ќе го понесе трофејот на првенството кое беше одложено за годинава поради Ковид пандемијата.

Навивачите на овие две репрезентации жестоко ги бодрат своите миленици, но во мала предност во однос на фаворитската улога е „Гордиот албион“ поради фактот дека игра дома.

Курир праша дел од македонските политичари за која репрезентација ќе навиваат вечерва и кој очекуваат да го подигне трофејот. Поголемиот дел од нив изјавија дека немаат фаворит, но секако очекуваат добар натпревар.

-Во недела, на финалето на Европското фудбалско првенство, играат тимовите на Англија и Италија. Станува збор за две наши пријателски држави и претседателот Пендаровски нема да зазема страна. Претседателот очекува да гледаме добар фудбал и нека победи подобрата екипа, се вели во одговорот од Кабинетот на претседателот на државата Стево Пендаровски.

Фер игра со што поголем број голови посакува собранискиот спикер, Талат Џафери.

-Претседателот на Собранието Џафери ќе го следи финалето на Европското фудбалско првенство дома, со семејството. Со оглед на тоа дека двете репрезентации покажаа квалитет својствен за супериорни играчи со жар карактеристичен за матичните лиги, претседателот ќе навива за што поголем број голови, фер и чиста игра, коректност на навивачите и еднаква поделба на правда од страна на судиите, велат за Курир од Кабинетот на Џафери.

Во домашна атмосфера без фаворит бидејќи неговиот испаднал од натпреварувањето, денешното фудбалско финале ќе го проследи и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

-Финалниот натпревар на Европското првенство ќе го гледам во домашна атмосфера со пријателите. Нема да навивам за ниту една од репрезентациите бидејќи мојот фаворит Македонија не игра во финалето на европското. Сепак следејќи ги натпреварите на европското, колку што ми дозволуваа обврските, очекувам одличен натпревар помеѓу двете квалитетни репрезентации Италија и Англија, натпревар со многу погодоци, открива Мицкоски за Курир.

Од контактираните единствено портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева јасно кажа дека вечерва ќе навива Италија да го подигне трофејот. За Курир открива дека следењето на вечерашниот натпревар ќе биде интересен за неа бидејќи нејзиниот сопруг навива за спротивната селекција, Англија.

-“Forza Azzurri!” Мојот фаворит е Италија, уште од самиот почеток на европското првенство бев многу позитивно изненадена од играта на Италијанците. Го променија концептот на играта, играат модерен, напаѓачки фудбал за разлика од тоа што за нив е одлика да играат затворен фудбал. Имаат 33 натпревари без пораз и за разлика од порано, Италијанците ова првенство не ги красат некои посебни фудбалски ѕвезди, напротив успехот е плод на единство и хемија, а тоа ме потсетува на нашата македонска фудбалска репрезентација. Ќе го гледам натпреварот фамилијарно, како ќерка и сестра на фудбалски судии, тоа секогаш било наша традиција. Дополнително, со сопругот имаме различен фаворит, тој навива за Англија, па навивањето ќе биде уште поинтересно, вели Митева за Курир.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи за Курир вели дека не следи фудбал кога не игра Македонија. Викендот наместо пред телевизор ќе го помине со семејството на планина.

Курир се обиде да дознае за која репрезентација вечера ќе навиваат премиерот Зоран Заев и министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, но до објавување на овој текст од нивните кабинети не добивме одговор.

Домаќин на финалето ќе биде стадионот „Вембли“ во Лондон. Англичаните немаат европски трофеј во својата историја, а вечерва ќе го играат своето прво големо финале од 1966 година кога на истиот стадион ја освоија титулата светски првак.

Азурите ја освоија својата прва и засега единствена европска титула во 1968 година, совладувајќи ја во финалето на домашен терен во Рим поранешна СФР Југославија. Оттогаш, Италијанците уште два пати стигнаа до финалните натпревари на Европските првенства на кои беа поразени во 2000 и 2012 година.

Финалето од трибините на култниот „Вембли“ ќе го следат 60.000 навивачи, кои во огромно мнозинство ќе бидат Англичани.

Најнови вести