Премиерот Зоран Заев по кој знае кој пат ја заобиколува лидерската средба која ја бара опозицијата. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и лидерите на Алијанса и Алетрнатива Зијадин Села и Африм Гаши бараат под итно лидерска средба за да се постават црвените линии на Македонија до кои може да се преговара со Бугарија и оставка на премиерот Зоран Заев. Според опозиционите лидери Зоран Заев треба да си замине од позицијата премиер на држава и да се формира влада за национален спас.
ОПОЗИЦИЈА БАРА ОСТАВКА ОД ЗАЕВ
„Oваа Влада е влада на лажговци и треба веднаш претседателот на Владата да даде оставка, да се направи широка владина коалиција помеѓу сите политички актери во која сите партии ќе преземат одговорност. Заедно треба да седнеме и да работиме околу кризата, и заедно да преземеме обврски за да го решиме спорот, сега со соседот Бугарија, и што побрзо да се одржи првата меѓувладина конференција меѓу Македонија и Европската унија“, изјави вчера лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села за изјава за медиуми.
„Алијанса и Алтернатива секогаш кажуваат дека се тука и дека стојат на страната на граѓаните. Ние секако би застанале во одбрана на идентитетот на македонските граѓани што го чувствуваат, но не може од нас да се бара само бланко поддршка“, рече вчера Африм Гаши во изјава за медиуми.
Вчера излезе и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој што исто тка побара одговорност и оставка од премиерот, бидејќи не сака да оствари лидерска средба за да се зацртаат црвените линии за доброто на граѓаните и самата држава.
„Се додека Заев е премиер Македонија ќе губи. Европската иднина е далечна зошто има криминал, лаги и премиер со концесии. Не може да е иднина Владо Бучковски или Зоран Заев, едниот осуден за криминал, другиот амнестиран за криминал“, појасни вчера на прес конференција Христијан Мицкоски.
Мицкоски на прес конференцијата рече – „Затоа ја актуелизирам повторно потребата од лидерска средба на која ќе разговараме за актуелната политичка, здравствена, образовна, економска ситуација во нашата Македонија. Веднаш лидерска средба за да можеме понатаму заеднички да ја градиме нашата Македонија“.
СДСМ НАМЕСТО ЛИДЕРСКА ГО ШЕТА БУЧКОВСКИ
По ладниот туш од Бугарија, Владата го назначи поранешниот премиер Владо Бучковски за специјален претставник за Бугарија. Негова задача е успешно затворање на отворените прашања околу кои се кршат копјата изминатиов период на релација Скопје – Софија. Бучковски ќе има мандат од една година за да ги реализира зацртаните планови на Владата. Но именувањето на Бучковски наиде на лавина критики поради контраверзното негово минато и скандали.
Претседателот на Македонија Стево Пендаровски при свое гостување на една од националните телевизии пред неколку дена рече дека му рекол на специјалниот претставник на македонската Влада за решавање на спорот со Бугарија, Владо Бучковски, по неговите средби во Софија, освен него и Владата, за текот на разговорите да ги информира и опозициските партии.
„Имаме уште два дена, но од она што се знае, пробив нема. Ставовите на Бучковски се исти со нашите ставови. Тој е специјален претставник и не смее да има ставови различни од државниот врв. А, тоа е дека има црвени линии за кои не смее да се преговара. Мој став е дека веднаш по враќањето на Бучковски од Бугарија, мора да се врати назад да ме информира мене, премиерот и лидерот на опозицијата, се разбира ако тој сака. За некое прашање ако сакате да се најде решение двете страни мора да одат со меки пораки. Ако бугарската страна оди со агресивни пораки како што оди, тогаш договор нема да има“, рече Стево Пендаровски пред неколку дена во изјава за една од националните телевизии.
Антонијо Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и истовремено пратеник вчера на една од националните телевизии во изјава додаде дека можеби Бучковски е близок со Заев, и ужива кредибилитет кај премиерот, но тој не би го сметал за специјален претставник на Македонија.
„И затоа оној совет кој што беше даден вчера од претседателот Пендаровски дека по враќањето на Бучковски кој ќе советува, Бучковски ќе направи посета кај сите политички партии и да ги брифира, јас уште од сега можам да најавам дека Бучковски не би бил добредојден во ВМРО-ДПМНЕ“, истакна вчера Милошоски.
Милошоски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ не го смета за легитимен претставник на државата.