вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Мостот на Дрин

Мостот на Дрин

Си бил еден Алија. Ајван од сточарска фамилија. На другата страна од државата си бил и еден Зоки, дете од земјоделско семејство. Чесни фамилии биле, арно ама тоа да не ти траело долго.

Толку различни ликови, а толку слични. Едниот педагог и ултра-националист, другиот економист и ултра-неолиберал, без трунка национално во себе. Арно ама, ги спојувала една работа. Мостот меѓу Командантот и Муртинхаузен не биле ни говедата ни ајварот, ни нивата ни сиромаштијата, мостот меѓу нив да ти биле парите. Лесните пари, парички заработени со далавери, дубари и државен арамилак.

И двајцата да ти биле тешки демагози. Првиот, оној из Зајас, муљал и лажел дека сето она што го прави го прави заради Албанците, заради еднаквост,  човекови права и други тра-ла-ла муабети.

Вториот, пак, муртинскиот „космополит“, муљал дека се што прави е заради иднината на нашите деца, заради подобра Македонија, економски силна, демек просперитетна.

И така, седокосиот почнал  војна во 2001-та, конфликт чии рани и ден-денеска не се излечени, судир во кој „големиот брат“ го спасил м’кнејќи го со автобуси и му помогнал да добие се’, дел и што не требало. И така, илјадници загинати од негова страна на кои не им се знаат ни гробовите, за кои дига патетични споменици со орли, многу загинати бранители, киднапирани без трага и глас, мачени и силувани, а тој 21 година на власт. Сите овци и не така на број, а волкот командант повеќе од сит…

Другиот, пак, го наместиле на власт, благодарение токму на седокосиот Али кој непочитувајќи го востановеното правило „победник со победник“ по сугестија на големиот брат од меЏународна кому му должел се’, си се заортачил со Црпко за да сменат име. Оти, морало макар и насила да не’ тутнат во Алијансата, некој знаел што ќе следува во Украина, па подготвувал терен. Продал Црле име на држава, придавки македонски, историја античка, се заортачил со Грци и Бугари, а Албанците му чувале грбот. Се’ и сешто за секого, освен за Македонецот. Да, имало едни шарени дилајли кои глумеле демек Македонци, за да прават бројност, а тие пустите фарбари од толку пафкање и шмркање не знаеле ни како се викаат, не па на кој род му припаѓаат. На македонскиот, дефинитивно, не…

И така Црпко и Седокосиот ја раскрчмувале Македонија, поддржани од страна, прикажувајќи лажна слика дека тоа самите Македонци си го прават на себе. А тие пустите, скриени и уплашени од судбата црна на браќата од 27-ми април, кмичеле скриени под фустан по дома и јаделе бубрези само на антисоцијалните мрежи. Доцна се освестиле…

Арно ама, на пустиот Црпко, за жал на стопаните од МеЏунардна му, премногу му лепело рачето муртинско, па морале предвреме да го пензионираат и да го пратат сургун, на Халкидики. Му го дале Таче да го намести за преЦедник на партија , не знаејќи дека од секој Ќуран премиер не бива. Црки пунал од мака, имал уште илјада проекти за арамилак, ама морал да слуша, знаел дека ја претерал…

Командантот ликувал незнаејќи дека мечката ќе заигра и во неговиот двор. А таа почнала наголемо да игра со Мерко, со ачик пораче под пазуви дека игра и за некој друг, дека камбаните бијат и оџата пее за некој друг, поголем апаш, за интегративниот „капо ди тути капи.“ За орелот над орлите, би рекле…

Искрено, мислите дека така случајно кога Америте го испердашија Мерко, следниот ден излезе бизнисот на Дрин во Соравија. Дека Али навистина мисли дека унуче/дете не знае што се 30 милиони евра? Та фондови за иновации, та кредити од 35 милиончиња, па подизведувачи на коридорот во изведба на Груби, толу нежен кон лидерот му недоветен?

„Мостот на Дрин“, нека ми прости Андриќ, се криминалот, корупцијата, непотизмот, клиентелизмот и неверојатната аздисаност и ароганција на крајно забеганите властодршци. Мостот на Дрин е Муртинхаузен, негов мост и врска во целата крими прикаска се и Таче, Спасовски, Јовески, Абази и целата таа непрокопсана банда која уривајќи ја Македонија за себе и фамилија си гради златни сараи.

Ги спојува арамилакот, ненаситноста и желбата да се нафатираат на заминување, оти знаат ајваните дека деновите им се избројани, дека рокот на употреба одамна им е минат. Покажаа дека не можат да спроведат уставни, нели? Та чуму им се на менторите/стопаните, зошто саде да ги брукаат со апашлукот и криминогенсота која се гледа и од авион?

Мостот на Дрин се парите и алчноста, кои ќе им стојат над глава како знак на препознавање за навек. Мостот на Дрин ќе биде нивниот политички споменик.

Мост кој ќе мораме да го срушиме, ако сакаме да не’ биде, ко народ и како држава…