Евроатлантскиот Совет на Северна Македонија во соработка со Министерството за одбрана, Едукативниот Центар М6 и НАТО Секторот за јавна дипломатија од Брисел, денеска го организира традиционалниот настан „Денот на НАТО – 4 Април”.
Станува збор за активност на Евроатлантскиот Совет на Северна Македонија која покрај одбележувањето на годишнината од потпишувањето на Вашингтонскиот договор и формирањето на НАТО, служи како настан чија цел е да ја информира пошироката јавност за развојот на настаните на глобално ниво, придонесот на државава и бенефитите од членството во Алијансата.
На настанот се презентираат и реформите и напредокот на годишно ниво, со посебен осврт на Армијата. Оваа година, како што соопштија организаторите, посебен фокус на настанот ќе се стави на пандемијата и војната во Украина, во пресрет на Самитот на НАТО во Мадрид.
Најавени се обраќања на претседателот на Евроатланскиот совет на Северна Македонија, Исмет Рамадани, премиерот Димитар Ковачевски, министерката за одбрана Славјанка Петровска и на американската амбасадорка Кејт Мери Брнз.