Родителите на пет паралелки на македонски мајчин јазик од француското говорно подрачје на Швајцарската Конфедерација изразуваат загриженост за моменталната состојба во која се наоѓаат учениците на дополнителната настава.
Имено, после завршувањето на мандатот на досегашната наставничка по македонски јазик во месец јуни 2019-та, објавен бил конкурс за нов наставник каде избрана била нова наставничка од Република Македонија.
-Не анализирајќи ги детално условите за тоа работно место кои не покривале патни трошоци, трошоци за стан, дополнителни земајќи ја во обзир ниската плата за Швајцарскиот стандард, таа новоназначена наставничка се откажала во последен момент каде што учениците се најдоа без наставник од септември 2019-та година. Во меѓувреме, стручниот тим на унијата на Македонски училишта во Швајцарија, го истакна своето незадоволство и револт спрема надлежните институции и Министерството за образование, на сегашниот министер без ресор/ надлежен за дијаспората Адеми и директорот на Агенцијата за иселеништво Шалваринов на 25-ти септември 2019 на состанокот, за време на нивната посета на Македонските друштва, клубови и асоцијации низ Швајцарија. По увидувањето на реалниот проблем Адеми и Шалваринов ветија брзо решавање на случајот и нова номинација на наставник преку нов конкурс и веднаш потоа исполнување со настава. Но ништо од тоа, се приближува крајот на јануари 2020-та, а учениците се уште немаат настава. Родителите не добиваат ни официјални информации од резултатот на конкурсот и новоназначената наставничка. Никаков одговор од Министерот за образование Адеми, како и никаков абер од Министерот за Дијаспора ”другиот” Адеми, информираат од Унија на македонски училишта од Француското говорно подрачје на Швајцарија.
Тие апелираат до МОН, Адеми и министерот без ресор да се произнесат и да ги информираат, преку нивните кабинети или преку Агенцијата за иселеништво, до кој степен е стигнат случајот со наставничката и да дадат точен датум за отпочнување на наставата.
-Овој проблем е доказ и еден од многубројните проблеми со кои се соочуваме ние иселениците, каде нашите права се загрозени од самите наши институции. Македонците од светот се дел од македонскиот народ. Ние, каде и да сме, треба да работиме за подобра иднина на нашата татковина Македонија. Одземувајќи ни го правото на изучување на нашиот мајчин македонски јазик, вие ни одземате едно од основните човекови права. Бараме да се забрза процесот и да се одпочне со наставата, велат од Унија на македонски училишта од Француското говорно подрачје на Швајцарија.