Објавувајќи фотографија на Мартин на својата Фејсбук страна, од волонтерската спасувачка екипа ОФКАТХ велат дека и денеска се трага по исчезнатиот Македонец, последен од тројцата кои беа повлечени од струите на морето.
-Ова е Мартин кој го бараме шест дена. Потрагата продолжува и денеска со чамци. Утре доаѓа неговиот брат од САД и ќе биде со мајката. Подготвуваме голема потрага за утре по пловен, воздушен и копнен пат, како и со дронови. Борбата продолжува, објавија од ОФКАТХ.
Спасувачката акција и потрагата започнаа во саботата во попладневните часови, кога тројцата државјани на Македонија влегле во морето на плажата Мити во Посиди на првиот крак на Халкидики, а поради лошото време се нашле во беспомошна ситуација и се оддалечиле од брегот.
Дел од присутните на плажата забележале дека капачите ги снемало и веднаш ја информирале крајбрежната служба, по што започна и акцијата.
Еден од тројцата пријатели, 25-годишниот Васил беше спасен во саботата по поминати околу два часа во вода, додека пак во неделата, по околу 20 часа во морето беше пронајден и 30-годишниот Иван. Се трага по Мартин…