недела, 19. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Охрид SOS: Багерите на Нефи Усеини копаат песок за потребите на бетонската база

Охрид SOS: Багерите на Нефи Усеини копаат песок за потребите на бетонската база

Невладината организација Охрид SOS денеска алармираше дека багери во сопственост на Нефи Усеини копаат песок од Охридското Езеро. Тие ги повикуваат надлежните да излезат на терен и да ги спречат овие активности.

„Додека мандатарот најавуваше чесни и способни кадри, справување со проблемите и корупцијата, конечно воспоставување правна држава, на брегот на Охридското Езеро, механизацијата во сопственост на Нефи Усеини копа песок од литоралот (односно крајбрежјето) за потребите на бетонската база. Локацијата каде се копа е во права линија со базата“, велат од Охрид SOS.

Тие велат дека граѓанинот кој ги снимил багерите се обидел да се доближи поблиску до нив, но добил закани дека не смее ниту да снима, ниту да се приближува.

Усеини е советник на ДУИ во Општина Охрид, а сега веќе осум дена е во притвор заедно со неговиот брат поради основано сомнение за насилство. Денеска охридското обивнителство поднесе обвинителен предлог против браќата Усеини.

Обвинителството посочува дека на 18 август во хотелот „Јуник“ во Охрид извршиле грубо насилство врз едно лице и кај присутните и вработените предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв.

„Обвинетите го повикале оштетениот на средба во хотелот, па откако тој пристигнал со возило, на совозачкото седиште седнал еден од обвинетите. Веднаш започнале расправија, излегле од возилото кај паркингот пред хотелот, каде што во меѓувреме пристигнал и вториот обвинет. Во тој момент, двајцата обвинети физички го нападнале оштетениот. Притоа, на еден од обвинетите од панталоните му испаднал тврд предмет во облик на пиштол, кој потоа го зел вториот обвинет. Оштетениот со тупаници бил удиран во пределот на главата и телото пред влезот на хотелот и внатре, каде што обвинетите го удирале со тврдиот предмет во облик на пиштол во пределот на главата“, наведува Обвинителството за настанот кој изминатиот период беше во фокусот на јавноста.

Најнови вести