Мерко е неподобен да ја извршува функцијата градоначалник вели Драгана Велковска од здружението Охрид СОС после вчерашната негова скандалозна изјава – дека баш го “брига” што велат Владата, УНЕСКО и еколошките здруженија за дивоградбите и дека во Струга ќе продолжи да се гради како и досега. ,,Мерко се однесува како УНЕСКО нешто да му должи нему а не тој ”- додава Велковска и споделува информации дека струшкиот градоначалник пред некое време лично ургирал и вршел притисок во Урбанистички план да биде вметната изградба на комплекс згради во заштитен појас.
„Друг факт дека тој е неподобен да биде градоначалник е фактот дека во записникот на комисијата за управување со Охридско-струшкиот регион стои информација дека тој присуствувал на седницата каде што се носела измена на план и тој барал да се вклучат во Урбанистичкиот план комплекс згради меѓу нив и десеткатница која се наоѓа на струшкото крајбрежје.Комисијата не сметала дека таков план треба да помине со таква измена и го отфрлила тоа меѓутоа во самиот записник стои дека Мерко направил инцидент на самата расправа и по тој инцидент гласањето било повторено на писмено и неговите насилнички измени поминале.“ – вели Драгана Велковска „Охрид СОС“.
Министерот Адеми инаку претседател на Националната комисија задолжена за прашањето со Унеско вели со изјавите од типот ,,не ми е гајле” или ,,што ме интересира” се пропагира безаконие и талибанизам.Според него градоначалник со трет мандат треба да ги знае обврските како прв човек на општината но и значењето на членството под Унеско.
„Неисполнувањето на законските обврски на градоначалникот, дивеењето на нелегални објекти со кои се оштетува природното и културното наследство а и буџетот на општината се прашања со кои треба да се позанимава Антикорупциската комисија.Може Градоначалникот да помисли дека јавниот интерес не се однесува на него и дека тој е факторот кој дава насоки, вклучително и на Владата но би го потсетил на неговите чести обраќања и барања баш до Владата за помош или финансирање на одредени проекти“.
Никој не е против развојот на Струга, ама не на грб на дивеењето на мал број неодговорни граѓани кои работат на штета на буџетот на општината, го упропастуваат нашето природно и духовно наследство, и кај луѓето создават чувство на неправда и огорченост. Градоначалникот Мерко треба да биде горд што неговата општина е дел од УНЕСКО, ама очигледно ниту разбира ниту сфаќа што тоа значи. – вели Адеми.
Од Министерството за транспорт и врски пак не ја коментираат изјавата на Мерко и велат министерството нема надлежност врз рушењето на дивоградбите.Инаку Мерко вчера освен дека баш го “ брига”, рече и дека Владата ќе го слуша него оти тој е локална власт.Мерко им порача и на инспекторите дека и да срушат некоја градба тој ќе им каже дека истата пак ќе се догради.