недела, 19. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Онколошки пациенти без терапија – Сведоштво за хаосот на Радиологија: Со месеци чекав резултати за на крај да ми кажат дека не ја снимале мајка ми

Онколошки пациенти без терапија – Сведоштво за хаосот на Радиологија: Со месеци чекав резултати за на крај да ми кажат дека не ја снимале мајка ми

Жена од Кочани која е онколошки пациент, речиси четири месеци е без потребната терапија поради хаосот кој се случува на Институтот за Радиологија. Нејзината ќерка Симона ја контактираше нашата редакција и раскажа за голготата низ која минува веќе со месеци.

Како што објаснува, на крајот на март отишла на Радиологија со упат од Онкологија, каде и закажале снимања за нејзината мајка на компјутерска томографија за бели дробови, абдомен и мала карлица за 4-ти мај.

Резултатите, вели за Курир, успеала да ги земе дури вчера по кавга со вработените, но само за снимањето на бели дробови. Шокот следувал кога дознала дека за останатите снимања резултатите не се готови, бидејќи снимањата не биле воопшто направени, иако упатите биле уредно доставени.

-„Горе нема никој, џабе ќе одиш. Не знам што да ти кажам“ – вака ми велеа кога им реков дека сакам да разговарам со одговорното лице на Радиологија. Ме упатуваа да земам нов упат од Онкологија за снимањата кои не ги направиле и да дојдам пак на Радиологија да ми закажат термин. Така мајка ми ќе изгуби нови четири месеци. Таа од крајот на март е без потребната терапија бидејќи нема резултати. Вчера со мене резултати бараа 30-тина пациенти, повеќето онколошки случаи беа, на сите им беше кажано нема резултати. На едно момче по кавгата која ја имаше резултатот му го напишаа за еден час. Така ли треба сите да правиме? Да се тепаме за да дојдеме до резултат во нормално време?, вели во изјава за Курир Симона која и самата е онколошки пациент.

Во битката за животот на својата мајка и што поскоро доаѓање до резултати и терапија, вели сега треба приватно да ги закажува снимањата.

-За да дојдеме поскоро до резултати од кои зависи нејзината терапија, сега треба сите снимања приватно да ги правиме. Сигурно тоа ќе не’ чини околу 40-50.000 денари, а мојата мајка зема пензија од 11.000 денари. Каде да најдам толку многу пари?, вели Симона.

Иста или слична судбина делат голем пациенти, без разлика дали се работи за онколошки случаи или не. Резултати со месеци се чекаат на Радиологија, минатата недела на Институтот влезе и инспекција.

Како што пишуваше претходно Курир, по вонредниот инспекциски надзор беа констатирани недостатоци во работењето и на Радиологија и беше даден рок од седум дена за постапување.

Рокот за постапување е изминат, а Курир денеска побара одговор од директорката на ДСЗИ доктор Ирина Бухова за тоа каква е состојбата на Радиологија.

Бухова вели дека во текот на вчерашниот ден бил извршен контролен инспекциски надзор.

-Констатирано е дека веќе се постапува по наложените мерки. До крајот на тековната недела ќе биде завршено изготвувањето на сите заостанати резултати, изјави за Курир доктор Бухова.

Додава дека до државниот санитарниот и здравствен инспекторат не е доставена нова претставка од пациенти.

Поврзани вести

Колапс на Радиологија: Пациенти со месеци чекаат резултати, дел од нив и онколошки случаи

Инспекција влезе на Радиологија: Додека на државно со месеци се чекаат резултати, приватно се наплаќа и до 500 евра

 

Најнови вести