На првиот круг од претседателските избори кој се одржа вчера, власта во бројот на гласови доживеа голем пораз.
Имено, ако се споредат гласовите кои ги освои Стево Пендаровски како кандидат на владејачките СДСМ и ДУИ, со гласовите кои ги освоија Гордана Силјановска Давкова и Блерим Река од опозициските партии, се забележува разлика од цели 75.000 гласови.
На вчерашното гласање, Силјановска Давкова, според официјалните податоци од ДИК има освоено 319.240 гласа, а Блерим Река 79.915. Заедно, тие имаат 399.155 гласови.
Стево Пендаровски освои 323.846 гласа. Разликата меѓу гласовите на власта и опозицијата е 75.309 во корист на власта.
Во својот вчерашен говор, за ова зборуваше и професорката Гордана Силјановска Давкова.
-Ако се спореди бројот на гласовите за опозицијата значи и на оние кои гласале за господинот Блерим Река и неговите поддржувачи и ако се собере со гласовите кои што јас веќе ги спомнав разликата е повеќе од 75.000 гласови. За некој како мене кој во целата кампања укажуваше на неодржливоста на систем на режим, во кој отсуствува владеењето на правото, систем потонат во корупција, криминал и непотизам тоа е најважно. Значи опозицијата успеала навистина не само да им предочи туку и да ги убеди граѓаните дека во отсуство на право и правда ние може да си раскажуваме приказни за ЕУ и НАТО зошто само со исполнување на основниот Копенхагешки критериум и владеење на правото може да се добие почеток на преговори. Тоа е задоволство за еден професор по уставно право и политички систем, кој вели дека мора да се стави крај на транзицијата на транзиционите профитери материјални и интелектуални, недоучени, нереализирани, фрустрирани кои во сиот период на самостојна и независна Македонија трчале од функција на функција колку години стаж имаат толку имаат и функции и сега сакаат да завршат со највисоката претседател на Република Македонија, порача синоќа Силјановска Давкова.