Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска учествуваше на вонредниот состанок на Северно-Атлантскиот Совет на НАТО на ниво на министри за надворешни работи, што се одржа преку видео – конференциска врска.
Состанокот беше посветен на руското воено групирање околу границата со Украина, како и на други прашања поврзани со Европската безбедност.
Вонредниот состанок се одржа во пресрет на закажаниот НАТО-Русија Совет и другите состаноци во различни формати, со цел де-ескалација на кризата и изнаоѓање решение преку не-воени, првенствено дипломатски начини на комуникација.
Министерот Османи ја повтори и поддршката на Северна Македонија за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и изрази очекување за мирно решавање на ситуацијата во и околу оваа земја. Ја подвлече важноста на единството и кохезијата меѓу Сојузниците, како силна алатка за зачувување на мирот и стабилноста, но и на блиската соработка со ЕУ и другите земји партнери.