Бугарските институции постапија професионално и обезбедија мир на семејствата на загинатите, бидејќи имаше премногу шпекулации, што дополнително ги оптоваруваше емотивно, коментира за бугарската НОВА ТВ министерот за надворешни работи на Македонија Бујар Османи. Како што јави дописникот на МИА од Софија, Османи коментира дека ова е уште еден знак дека сме блиски пријатели и во добро и во лошо и треба да си помагаме.
Османи ги отфрли теориите дека трагедијата на автопатот Струма била исценирана за да се натера Бугарија да каже „да“ на Северна Македонија на патот кон ЕУ.
Коментирајќи ги разликите во билатералните односи и европската перспектива, Османи нагласи дека Скопје никогаш не ја прекинал комуникацијата со Софија.
-Независно од фактот што тоа беше потешко, со оглед дека во период од една година три пати имаше избори, не беше формирана влада и имаше привремена влада, ние бевме во постојана комуникација со преодната влада на Бугарија. Во последниот период имавме три директни средби меѓу експертите. Разменивме белешки, документи, ставови, мислења и така ќе продолжиме и во иднина. Се надевам дека побрзо ќе се формира редовен кабинет и институции за да можеме да ставиме крај на овој спор кој ја држи во заложништво не само нашата европска перспектива, туку и целиот регион, а заложник е пријателството меѓу нашите две земји, рече министерот Османи.
Мислам, рече Османи, дека е во интерес и на Бугарија и во интерес на Северна Македонија и на целата Европска Унија побрзо да се стави крај на ова прашање, кое, како што вели „непотребно ги труе нашите билатерални односи“.
Првите пораки кои доаѓаат од бугарските партии, кои можат да коалицираат, влеваат оптимизам, додаде Османи, додавајќи дека во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија фокусот не треба да биде на минатото, туку на сегашноста и иднината.
-Цело е кога има се. Не ја потценувам важноста на историјата и минатото, треба да разговараме за овие прашања. Но, треба да се фокусираме на сегашноста. Ние секој ден пишуваме историја. Ние сме сериозни и конструктивни. Ние веруваме во пријателството на нашите две земји. Ние веруваме во заедничка иднина за Европа. Ние сме сојузници во НАТО и ни треба само порационален пристап на двете страни, како и разбирање на другата, рече шефот на македонската дипломатија.
Она што се случи, кажа Османи, во последните два дена покажува дека „ние сме најблиски соседи, блиски пријатели и можеме да си помагаме и во добро и во лошо“, рече Бујар Османи. (МИА)