„ Мафија/Двојник“ филм
Катаден се нижат филмски слики, небаре reality shaw или документарен филм. На една е министерот кој гони криминал, во друштво со ептен сомнително лице, но не од Бранислав Нушиќ. Сликата е подвижна, односно во чекорење. Ќе ја позајми ли г-динот Спасовски аналогијата на претседателот Пендаровски, кој, сликата со еден нарко експерт ја коментираше и „аргументираше“ дека е „на стоење“, па според тоа, ништо не до(по)кажува. Г-динот Спасовски може да одговори дека чекорел по службена должност со службени лица, или дека одењето не е ниту дружење, ниту деликт. Оваа „логика“ веројатно ја дели и пратеникот на фотографијата, кој го придружува министерот, или во духот на собранискиот систем, како систем на единство на власта. А, можеби обајцата се во тајна мисија?, стои во Фејсбук статусот на проф. д-р Гордана Силјановска Давкова.
– Се полни албумот со слики. Се сеќавате ли на фотографијата од богатата софра, небаре кадар од „Кум“? За неа сигурно ќе чуеме дека е од некоја свадба, а на свадбите, како што е обичај, домаќините одлучуваат кого ќе поканат и кој до кого ќе седне, а не гостите. Така, ќе се најдете на фотографија со лице на кое ни лицето не сте му го виделе. Очекувам фотографираниве да се обидат да ги „избришат“ сликите со помош на амнезија, како што тоа го направија кадросаните со екстравагантниот директор на 1ТВ, по „ Рекет“. Дури и на култната фотографија од прославата на 1ТВ во Македонската филхармонија не се сеќаваа(т), оти отишле и се построиле во став „ мирно“ од куртоазија, заради почит кон демократската улога на новородениот медиум во бескомпромисната борба со криминалот, пишува таа.
– Но, во секоја несреќа – среќа! Станавме држава чии пасоши ги посакуваат најпознатите личности, кои веројатно добиле македонски пасоши врз основа на членот 11 од Законот за државјанство, како лица од светски глас во својата област. Повторно сме најактуелни, како по фудбалскиот триумф над германската репрезентација. Ама, сега, на нас при секој премин на границата , цариниците ќе гледаат со широко отворени очи. Очекувам некој(а) од таинствените советници/советнички во Владата да смисли соломонско решение за излез од идентитетскава криза со феноменот „ двојник“ и да не информира дека настаниве и сликиве се дел од криминалистички документарец што ќе се натпреварува за наградата „Оскар“. Владата маестрално работела на човечките ресурси и го искористила својот ‘dream team’, составен од : вешти сценаристи, режисери, искусни глумци, дублери, каскадери, талентирани статисти од сите светски меридијани. Не го добивме оскарот за „ Медена земја“, но нашата филмска поезија ги допре срцата на сите ширум светот. Со „Мафија“, сигурно ќе го добиеме, оти верно ја отсликува состојбата на духот на современото „ човештво“. Оваа влада, се разбира, веднаш ќе го вброи во своите најголеми заслуги и успеси. Северната обезимена долина на волците, во која јагнињата одамна стивнале и сега, дење – ноќе го гледаат документарецот „ Мафија“ / „ Двојник“ ќе стане топ дестинација за најпознатите авантуристи.
Сите ќе извикуваат : ‘ I’ll be back’, како еден политички актер во предизборен филм, пишува таа во својата Фејсбук објава.