Сметам дека пратеникот Реџепи направи мудра политичка одлука и со своето политичко делување го зачува евроатлантскиот курс на земјата, не дозволувајќи притоа загрозување на процесот на интеграции во еден чувствителен период кога се очекува да бидат донесени клучните одлуки. Со особено задоволство прифатив да упатиме заеднички повик за политичка консолидација на сите прогресивни сили во земјава, со цел искористување на претстојните можности кои ги нудат зимските самити на ЕУ а со цел остварување на стратешките цели на државата.
Ова го пишува на официјален фејсбук профил министерот за надворешни работи Бујар Османи кој утрово на иницијатива на Кастриот Реџепи имал средба со пратеникот, на која го запознал „подлабоко и пошироко со процесот на европски интеграции, и последните состојби во надворешната политика“.
-Покрај актуелните севкупните состојби, информирав и за впечатоците и пораките добиени од последната посета на Брисел, како и за пораките со кои изминатава недела во Скопје пристигнаа премиерот на Холандија, Марк Руте, како и новиот сојузен министер за европски и меѓународни работи на Австрија, Михаел Линхарт. Очигледна е зголемената политичка активност од страна на голем број меѓународни пријатели, кои се насочени во создавање нова иницијатива со која би се одблокирал процесот на проширување на Европската Унија, наведува Османи во фејсбук статусот.
Реџепи е пратеник на Беса кој не се појави на собраниската седница за доверба на владата, за што иницијатива поднесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ. На прес – конференција во понеделникот изјави дека самоволно се засолнил на денот на гласање со цел да не се доведе до нарушување на процесот на евроинтеграции на земјата што е спротивно на неговите идеолошки убедувања и стратешката цел дадена од граѓаните. Тој тврди дека Беса се уште е дел од Владата бидејќи засега одлука за напуштање на владеачката коалиција нема.
За денеска најавена е средба на премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев со претседателот на Алтернатива, Африм Гаши на која ќе се разговара за можноста за приклучување на пратениците на Алтернатива во парламентарното мнозинство и за влез во Владата. (МИА)