Во Националниот парк „Галичица“ денеска ќе биде отворена првата Виа ферата, односно безбедна патека за алпинистичко искачување на карпа со помагала.
Името на првата Виа Ферата во Националниот парк „Галичица“ е „Доброја“, локален назив за растението Питома Фоја (Juniperus foedissima), која е особено карактеристична за повисоките делови од Националниот Парк. Името, како што појаснуваат од алпинистичкиот клуб Патагонија доаѓа од еден интересен примерок на ова растение, кое посетителите имаат можност да го видат веднаш покрај самата линија на фератата.
Вкупната должина на Фератата изнесува 535м, од кои 145м се искачување на вертикални карпи, соодветно опремени со скалила, а останатиот дел, е пешачење по експониран терен, обезбеден со безбедносна сајла, во континуитет по целата должина.
Вертикалните делови се поделени во три сегменти, со должини 40м, 52м и 53м, а меѓу нив има опции за безбедно излегување од фератата и спуштање надолу по лесна пешачка патека.
-Најкомплексен и најтежок сегмент е последниот, после кој фератата продолжува по екпониран планински терен во должина од 210м, се до нејзиниот крај, од каде по лесна планинарска патека, се спушта до почетната точка и до излетничкото место Корита. Заинтересираните треба да поседуваат летна планинарска опрема, заштита од сонце и доволни количини на храна и течности за тура со времетраење од околу 4 часа, велат од алпинистичкиот клуб.