Општинскиот мултимедијален центар „Киро Глигоров“ утре организира отворен ден за посета на спомен собата на Киро Глигоров. Кирил Панајотов вработен во Општина Штип вели дека по повод денот на раѓањето на Глигоров, граѓаните може да ја посетат спомен собата и да се запознаат преку фотографии, предмети, експонати со личниот и професионален живот на Глигоров.
-Ја продолжуваме таа традиција, утре е отворен ден на спомен собата на Глигоров и ќе дојдат има веќе најавено и организирани посети ама и граѓани кои по сопствена инцијатива ќе дојдат да ја посетат спомен собата. Ние во рамките на тоа ќе им понудиме да може да ја погледнат изложбата од фотографии кои го отсликуваат животот на Глигоров, од неговото раѓање, школување, учеството во НОБ, во СФРЈ, сведоштво од двата мандати на претседателот Глигоров, како и фотографии од неговиот личен живот, вели Панајотов.
Тој истакна Глигоров беше скромна личност и за која вреди да се научи нешто плус.
-Во суштина претседателот Глигоров беше многу скромна личност. Тој не истакнуваше некои работи кои навистина биле важни, значајни чекори кои ги преземал и како функционер, но и како човек. Лично задоволство ми е што имав прилика да допрам до документи кои многу малку се знаат од јавноста за Глигоров и тука неговата скромност доаѓа до израз, рече Панајотов.
Тој ги повика граѓаните да ја посетат спомен собата на Глигоров која утре е отворена. Забележува дека оваа спомен соба може да се посети и секој работен ден од понeделник до петок.