Отворена е телефонска линија за консултација и советување за лица со деменција и нивни негуватели.
Од Универзитетската клиника за неврологија информираат дека пациентите може во периодот од 11:00 до 13:00 часот, во понеделник и среда, да се јават на телефонскиот број 075/277-806 во амбулантата за деменции за консултација и советување.
Повозрасните лица се особено чувствителни на кризни состојби и природни катастрофи, а ова за жал се потврдува токму во овој период кога сите ние живееме во услови на променета дневна рутина поради пандемија со болеста предизвикана од корона вирусот COVID-19.
Во светот повеќе од 50 милиони лица живеат со деменција, а на секои 3 секунди се дијагностицира нов случај. Лицата кои живеат со деменција имаат ограничен пристап до информации и факти за пандемијата со COVID-19, а имаат и потешкотии да ги запомнат препораките за безбедно однесување и заштита (пр. носење на маска) или во разбирањето на информациите од јавно здравствен карактер (почитување на времето одредено со полициски час).
Ненамерното, а условено од самата болест, непочитување на предупредувањата и препораките за социјално дистанцирање, потенцијално ги изложува на поголем ризик и можност за инфекција.