Тие влегуваат на местото на доскорешните пратенички од СДСМ, Славјанка Петровска и Бисера Костадиновска, кои добија министерски функции во новата влада на Димитар Ковачевски
Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница и официјално ги потврди Санела Шкриељ и Марија Кочовска како нови пратенички на СДСМ во Собранието, кои доаѓаат на местото на две министерки во новата влада на Димитар Ковачевски.
Сега, нивните пратенички мандати треба да бидат верификувани уште на пленарна седница во парламентот, преку Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.
Санела Шкриељ беше дополнителна заменик-министерка за труд и социјална политика во преодната влада пред парламентарните избори во 2020 година, а во парламентот влегува како кандидатка од втората изборна единица, на местото на Славјанка Петровска која стана министерка за одбрана.
Марија Кочовска е од Демир Хисар и на последните парламентарни избори беше на листата за петата изборна единица од каде доскорешната пратеничка и нова потпретседателка на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска го напушти пратеничкото место поради преземањето на новата функција – министерка за култура.