Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Ели Панова во интервју за Курир вели дека самохраните родители не беа застапени во првите три сета од владините мерки, но по нивна реакција биле опфатени со четвртиот сет на мерки.
-Тоа што реагиравме е немањето доволна систематизација за еднородителски семејства и за самохрани родители. Тоа прави проблем за реализација на мерките. Требаше луѓе да аплицираат за да добијат таква помош, но во корона криза тие беа оневозможени да ги извадат потребните документи. Предвидуваат мерки со фалинки кои што не можат докрај да се реализираат. Ако според податоците од одредени невладини организации кои работат со оваа проблематика, се знае дека околу 50.000 семејства во Македонија се еднородителски, тогаш ние да предвидуваме само околу 5.000 луѓе кои се самохрани родители да земат помош, не е во ред. Многу од тие луѓе досега не биле евидентитарани во ниту еден систем и не се евидентирани во МТСП. Нема точна евиденција за самохраните родители. Може да се направат одредени измени во Законот за семејство, особено за еднаквите права и можности на самохраните родители и еднородителски семејства, вели Панова за Курир.
Таа се надева дека во еден консензус од сите политички партии ќе успее да се избори за закон или Националната стратегија за самохраните родители.
-Тргнувајќи од фактот дека сум самохран родител навистина помагајќи на моите деца им помагам на сите деца во Македонија. Се трудам да помогнам таму каде што навистина сум во можност да помогнам. Законите недостасуваат, но и натамошната имплементација зависи од натамошни фактори на кои опозицијата не може многу да влијае, нагласува Панова.