Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Ели Панова на денешната прес-конференција истакна дека СДСМ и владејачкото мнозинство повторно практикуваат парламентарно насилие наместо парламентарна демократија. Таа вели дека очигледно тие не знаат поинаку.
-Имено, и денес во Собранието на Република Македонија сме сведоци на еклатантно кршење и непочитување на веќе воспоставената долгогодишна пракса во врска со закажување и одржување на други седници на Комисии во оние денови додека трае расправата за ребаланс на Буџет. Не навлегувајќи во суштината и потребата за одржување на денес закажаната Комисија за одбрана, како пратеници сметаме дека ова самоволие мора конечно да престане. Комисијата за финансирање и буџет и ребаланост на Буџетот за 2021 година мора да имаат приоритет над сите останати постапки, особено над тесно-партиските интереси на владејачката коалиција, истакна Панова.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата информираат дека ваквото насилно однесување на СДСМ и мнозинството, оневозможува да се продолжи со расправа за ребалансот на Буџетот за 2021 година.
-Само еден ден траеше глумата и лицемерието на СДСМ. Веќе денес го гледаме нивното вистинско лице.
Токму затоа, граѓаните мора да знаат дека за СДСМ и мнозинството се поважни партиско – коалициските калкулации отколку ребалансот на Буџетот и граѓаните. Очигледно СДСМ и мнозинството не почитуваат воспоставени пракси, не почитуваат ниту процедури, ниту пак претходни договори за непречено функционирање и работа на Комисијата за финансирање и буџет освен наредбите од своите партиски шефови на штета на сите граѓани на Република Македонија. На крајот, како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата сакаме да апелираме дека нема да дозволиме ниту ние, ниту Собранието на Република Македонија да бидеме заложници на партиските калкулации на власта. Нема да дозволиме да бидеме лажно обвинети и да бидеме изговор за неспособноста на власта како и нивните евтини коалициски пазарења, нагласи Панова.