сабота, 16. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

ПАТОТ НА МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ – ПРЕКУ БЕРЛИН

ПАТОТ НА МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ – ПРЕКУ БЕРЛИН

Колумна на Мартин Треневски, поранешен министер и амбасадор

Во пресрет на референдумот закажан за 30 септември, на списокот на странски лобисти од покрупен политички калибар е и името на германската Сојузна Канцеларка, г-ѓа Ангeла Меркел, која доаѓа во посета на Македонија оваа сабота, и тоа токму на Денот на независноста!

Посетата на г-ѓа Меркел (ако не се лажам таа е прва личност на позицијата сојузен канцелар на Германија што ја посетува Република Македонија од осамостојувањето во 1991 година) сама по себе претставува чест за нашата земја бидејќи станува збор за лидер на една од најсилните економии во светот; лидер на земја коосновач на НАТО и дефинитивно една од главните, ако не и најглавна лидерка во Европската Унија. А што е најважно за нас, нејзината земја Германија е најзначаен економски партнер на нашата земја.

Секако го знаеме и поводот за нејзината посета: Г-ѓа Меркел, и покрај нејзината претрпана со активности агенда, доаѓа лично да ја искаже подршката на Германија за референдумот на 30 септември и да лобира за што поголема излезност и порака до граѓаните да го подржат истиот.

Но има една работа во политичките релациии помеѓу Германија и Република Македонија за што сметам дека би било добро да ја потсетиме сојузната канцеларка пред да тргне на пат за Македонија. Станува збор за постапката на поранешниот сојузен министер за надворешни работи на Германија Ханс Дитрих Геншер што и нанесе голема политичка и не само политичка (долгорочна) штета на Република Македонија. Еве за што се работи: Комисијата на Роберт Бадентер (попозната како Бадентерова комисија) во раните деведесети години од минатиот век составена од пет претседатели на пет уставни судови на исто толку членки на Европска Унија (тогаш сеуште се викаше Европска Заедница) со единствена цел: да утврди која од бившите Ју-републики исполнува услови за меѓународно признавање, во својот извештај препорача тоа да бидат Македонија и Словенија! Но, по објавувањето на нејзината препорака, Геншер одлета од Бон во Атина и им го понуди на грците следниот политички ,,дил,,: Германија нема да ја почитува препораката на Бадентеровата комисија и намерава да ги признае Словенија и Хрватска и доколку Грција ја подржи Германија во таа намера, таа (Германија) ветува дека таа самата нема да ја признае званично Република Македонија туку тоа ке го стори во пакет со останатите членки на ЕУ.

За жал, така и се стори: Германија ги призна Словенија и Хрватска, заради што претрпе сериозни критики од останатите членки, а Геншер мораше да даде оставка но, за жал, Македонија остана во чекалната на ЕУ за признавање уште неколку години што многу негативно влијаеше во понатамошниот севкупен развој на настаните за нашата земја и посебно на нејзините односи со ЕУ.

Не знам дали г-ѓа Меркел го знае овој многу важен детал за меѓусебните односи меѓу двете земји и би било добро, наместо да ни кажува бајки дека вратите на ЕУ ни се ширум отворени и со евентуално успешниот референдум ќе потече мед и млеко за нас од нивна страна, да понуди нешто конкретно како лек за раната што ни ја направи нејзиниот сонародник Геншер.

Германија, како впрочем и целата ЕУ, регионот на којшто припаѓаме со години го третираше како темен вилает на агресивни народи кои само знаат за кавги меѓу себе, иако за проблемите меѓу народите од Западниот Балкан голема вина имаат подземните (т.е. тајните) служби токму на земји од самата ЕУ. Само за потсетување, германската БНД одигра клучна улога во распадот на поранешната југословенска федерација снабдувајќи со оружје и на друг начин некои од поранешните Ју-републики за таа цел.

Германија во меѓувреме свати дека е неодржива, па дури и опасна политиката на игнорирање на Западниот Балкан и ја лансираше идејата за помош на земјите од регионот преку таканаречениот Берлински процес. И се ќе беше убаво доколку се увидеа и доколку добија приоритет во вистинска смисла некои насушни развојни проекти во нашиот регион, што не беше случај!? Како пример само да споменеме: меѓу првите проекти во рамките на Берлинскиот процес беше доделување на 200 милиони евра за автопат што ке ги поврзува Ниш, Приштина и Тирана!? А да прашаме: во што е значењето на тој проект – само Господ знае и се разбира Германците кои за истиот дават пари.

Германија беше најиздашна и кон Грција на која и помогна за  стабилизацијата на нејзината економија со 250 милијарди евра!!! А, издашна е и кон Бугарија на која минатата година и даде 430 милиони евра неповратни средства само за изградба на втора линија на метрото во Софија.

Што се однесува до нашата земја, од Берлинскиот процес до сега се офајдовме со само 70 милиони евра за довршување на железничката пруга кон Бугарија. Па и за тоа фала им!

Не би сакал да оставам впечаток дека сум неблагодарен, но сметам дека сепак има простор Германија да стори нешто многу повеке на економски и политички план за нас. Доколку г-ѓа Меркел при нејзината посета најави некоја посериозна инвестиција што ќе овозможи отворање на повеке стотици работни места (мерцедес, БМВ и слични се добродојдени) тоа би бил вистинскиот ефект на нејзината посета на којшто сите ќе му аплаудираме и ќе се радуваме. Во спротивно, се сомневам дека таквата посета ќе има некој особено значаен ефект!

Ние граѓаните на Република Македонија сме доволно искусни да не се палиме на посети на големи личности кои ни доаѓаат со празни раце и празни ветувања во стилот: „Многу ве сакаме“  или “многу ве поддржуваме“…

И уште нешто, кога станува збор за интеграциите на Македонија во ЕУ токму од Берлин е лансирана тезата дека, според нив: ,,патот на Македонија во ЕУ води преку Бугарија,,(!?) Ако се прашувам јас, преферирам тој пат да види преку Германија, Холандија, или пак Данска… тие барем не патат од теснобалканскиот шовинизам и иредентизам кон се што е Македонско што е својствено за нашиот источен сосед!

Најнови вести