Уверен сум дека ако процесот на преговори со ЕУ не биде базиран предоминантно на историја, ако биде базиран на реалните европски критериуми и вредности, ние ќе ги завршиме во рекордно време тие преговори, рече во одговор на новинарско прашање претседателот Стево Пендаровски на заедничката прес-конференција со неговиот германски колега Франк-Валтер Штајнмаер во Скопје.
-Јас ве уверувам, затоа што го знам нивото на подготвеност на мојата земја во однос на европските интеграции – 17 години ние се подготвуваме за овие преговори, тоа е најдолг период на подготовки на било која држава во историјата на ЕУ, оцени Пендаровски. Ние сме најдобро подготвениот кандидат за членство во историјата на ЕУ. Тимовите за секое поглавје се направени уште пред деценија и половина, кажа Пендаровски.
На новинарско прашање дека според последните анкети опаѓа поддршката за членство во ЕУ, Пендаровски оцени дека негов впечаток е дека главниот аргумент за пад во евроинтузијазмот во ЕУ е на страната на Брисел.
-Точно е дека анкетите во последниве 18 месеци и во нашата земја и во нашиот регион покажуваат пад на поддршката за ЕУ. Јас не би сакал да се изземеме сите ние што сме локални и регионални политички раководства, се разбира имаме и ние тука одреден дел од одговорноста. Меѓутоа, мојот впечаток, мојата анализа почива на фактот дека главен резон, главен аргумент за овој пад во евроинтузијазмот да го наречеме поддршка за членство во ЕУ е на страната на Брисел затоа што во изминатите три-четири, пет па и повеќе години објективно не гледаме дека процесот на европските интеграции се движи напред, истакна Пендаровски.
Тој потсети дека Србија и Црна Гора кои преговараат цела деценија, не напредуваат во евроинтеграциите, додека, оцени тој, БиХ и Косово се комплетно заборавени во процесот на евроинтеграции се до неодамна кога Босна доби препорака за кандидатски статус.
-Македонија и Албанија до пред некој месец бевме ефективно блокирани од страна на Бугарија. Значи, не можете да им објасните на македонските граѓани зошто 17 години од различни причини ЕУ го одложува почетокот на преговорите. Ако во тие преговори што би биле започнати ние не сме добри, не сме ефективни тогаш ќе можеме да ја лоцираме одговорноста предоминантно на наша страна. Меѓутоа, ми се чини дека вратата ако се отвори и вистина ако се отвори широко за целиот регион во европските интеграции ќе видите многу подобри резултати и во поддршката на нашите граѓани за интегративниот процес, оцени Пендаровски на заедничката прес-конференција со неговиот германски колега Штајнмајер. (МИА)