Советот беше во полн состав, а на моја покана присуствуваше и вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ. Советот се состана за да се разговара за најновиот француски предлог, информира претседателот Стево Пендаровски по состанокот на Советот за безбедност.
– Во моментов имаме високи политички тензии во земјава и не верувам во перцепцијата која се создава во јавноста дека ова е судбинска дилема да се биде или не и дека наводно деновиве треба да донесеме одлука која ќе ја дефинира иднината на нашите генерации. Одлуката да го прифатиме францускиот предлог нема да биде ниту триумф, ниту дебакл. За мене тој е прифатлив. Да појаснам, станува збор за транзиционен компромис во една од фазите за евроинтегрирање на земјава. Со прифаќањето на овој предлог ја креваме бугарската блокада и дозволуваме формално отворање на преговорите. Баш со ништо францускиот предлог не го поткопува македонскиот идентитет, во предлогот има чиста формулација на македонскиот јазик без фуснота, рече Пендаровски.
Транзициониот компромис ја решава актуелната блокада, но има предвидено нова блокада која ќе биде наша домашна, додаде шефот на држава.
– Парадокс е дека во земјава никој нема против влезот на Бугарите во Уставот, но внатрешната поларизација го оневозможува консензусот. Во овој дел не сме можеле повеќе да постигнеме. Не тврдам дека во преговорите не можело да се добие нешто поквалитетно, но тоа би биле детали, не суштина, рече Пендаровски.