Претседателот Стево Пендаровски, денеска го прими поранешниот генерален секретар на НАТО Џорџ Робертсон, кој е во посета на Република Северна Македонија, по повод одбележувањето на 20 годишнината од Охридскиот договор.
Претседателот Пендаровски на средбата ја нагласи клучната улога на поранешниот генерален секретар на НАТО, Робертсон во надминувањето на конфликтот во 2001 година и постигнувањето на Охридскиот рамковен договор. Двајцата соговорници констатираа дека и од оваа временска перспектива, договорот е позитивен пример за решавање на конфликти, кој истовремено на државата и гарантира стабилна и демократска иднина, односно институционално надминување на сите предизвици. Претседателот Пендаровски истакна дека, денес, Охридскиот договор речиси воопшто не се квалификува како одредена закана и дека унапредувањето на правата на одредени етнички заедници, може да води исклучиво кон позитивни општествени процеси.
На средбата беа разменети мислења и за севкупната соработка меѓу Северна Македонија и НАТО, за реализацијата на проектите во рамки на Алијансата, како и за реформските процеси во областа на одбраната. Двајцата соговорници го нагласија важниот придонес на државата во безбедносната сфера, како клучен предуслов за стабилност и економски просперитет во регионални и во глобални рамки.
Претседателот Пендаровски и поранешниот генерален секретар на НАТО, Робертсон разговараа и за актуелните состојби поврзани со интеграцијата на Република Северна Македонија во Европската Унија, како и за напредокот на државата во клучните реформски области. Во тој контекст претседателот Пендаровски изрази благодарност за континуираниот придонес на поранешниот генерален секретар на НАТО, Робертсон, за поголема видливост и вреднување на напорите на нашата држава со цел придвижување на евроинтеграцискиот процес.