Претседателот Стево Пендаровски денеска е домаќин на претседателката на Република Косово, Вјоса Османи-Садриу. На средбата беа разменети мислења за продлабочување на соработката на сите полиња како и за регионални теми меѓу кои и за дијалогот Косово-Србија и војната во Украина.
„Мило ми е што за време на нашите мандати остваривме интензивни контакти. Разменивме мислења за соработка и регионални теми… Соработката е од корист за нашите граѓани и се надеваме дека тоа ќе продолжи и во иднина. Трговската размена е на највисоко можно ниво. Се согласивме дека нашите земји имаат клучна улога во напорите за постигнување постојана стабилност. Европската иднина на нашите две земји е во ЕУ и НАТО. Ги поддржуваме евроатлантските аспирации на Косово и неговото членство во НАТО“, изјави Пендаровски.
Пендаровски уште еднаш го поздрави постигнатиот договор меѓу Косово и Србија и изјави дека овој договор ќе придонесе за подобрување на односите меѓу овие две земји.
Во меѓувреме, претседателот на Косово, Вјоса Османи Садриу истакна дека Република Косово и Република Северна Македонија ќе продолжат да чекорат рамо до рамо по европскиот пат.
„Косово и Северна Македонија ја зголемија соработката и ние ќе го продолжиме ова патување на продлабочување на односите во многу области од образованието и културата до здравството и економијата, надворешната политика и одбраната. Нема поле каде што не сме работеле и каде што нема да работиме, бидејќи она што не обединува се вредностите и визијата. Но, пред сѐ ни нудат наши луѓе кои служат како пример за одлични односи меѓу соседите“, рече Вјоса Османи-Садриу.