По повод одбележувањето на еврејскиот празник Ханука, во Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски се одржа виртуелен настан на кој учествуваа претставници на Државата Израел и потомци на преживеани македонски Евреи од Холкаустот.
Претседателот Пендаровски упати порака со која го честита празникот на светлината, а како централен чин во одбележувањето на Ханука, традиционално беа запалени свеќите на Менората.
-Република Северна Македонија е особено горда на својата Еврејска заедница, која заедно со Меморијалниот центар на Холокаустот на македонските Евреи, е нашата симболична Ханукија, бидејќи не потсетува на конечната победа на животот над уништувањето, и сеќавањето над заборавот, порача претседателот Пендаровски во своето обраќање.
Посакувајќи мир, радост и здравје, претседателот Пендаровски истакна дека празнувањето на Ханука е потсетување дека темнината не може да ја опфати светлината која го осветлува патот на човештвото кон слободата, еднаквоста, правдата и човечкото достоинство.
-Овие вредности ги крепат луѓето дури и во периоди на огромни предизвици како што е пандемијата на Ковид-19. Во овие тешки времиња, ние продолжуваме да го негуваме соживотот и почитувањето на различните, како најголема вредност на македонското општество, истакна претседателот.
Годинава свеќите на Менората беа запалени во спомен на Еврејската заедница од Македонија која настрада во Холокаустот.