Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Организацијата на резервни офицери на Република Македонија (ОРОРМ) по повод 70-годишниот јубилеј од формирањето на Организацијата.
– На средбата, претседателот Пендаровски беше запознаен со тековните активности и задачи на Организацијата, за нивната улога во одбраната и безбедноста, како и за соработката што ја остваруваат со надлежните институции на Северна Македонија и со сродни здруженија од земји-членки на НАТО. Претставниците од ОРОРСМ го информираа претседателот за нивната меѓународна активност, како членка на средноевропската платформа ГАМИНГЕР иницијатива и асоцијативна членка на Меѓусојузничката конфедерација на резервните офицери (ЦИОР). Воедно, ги претставија и планираните програмски активности со цел одбележување на 70 годишнината од нивното формирање, се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателот.
Во разговорот, претседателот Пендаровски изразил очекување дека Организацијата на резервни офицери и понатаму успешно ќе ги извршува доверените задачи во одбранбениот систем, преку подготовки и практично обучување на членството во функција на одбрана, заштита и спасување, со што ќе продолжи да придонесува во афирмација на воената професија.
Претседателот упати честитки по повод 70 – годишниот јубилеј од формирањето на Организацијата на резервни офицери и им посака успех на претстојниот состанок на ГАМИНГЕР иницијативата, чии домаќини ќе бидат идната година.