понеделник, 5. февруари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Пендаровски се обрати на конференцијата „Кон отпорност и заштита на критичната инфраструктура: регионална размена“

Пендаровски се обрати на конференцијата „Кон отпорност и заштита на критичната инфраструктура: регионална размена“

Ми претставува чест и задоволство да ве поздравам на конференцијата „Кон отпорност и заштита на критичната инфраструктура: регионална размена“, којашто Фондацијата „Фридрих Еберт“, канцеларија во Скопје ја организира во соработка со Претседателскиот центар за политичко образование. По година и половина, ова е втор настан на оваа важна тема на кој учествувам и особено ми е драго што годинава форумот посветен на заштитата на критичната инфраструктура има регионален формат на којшто експерти од ова поле, од Хрватска, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и, се разбира, од кај нас, ќе имаат можност да разменат искуства и најдобри практики. Според мене, токму ова второво, размената на најдобри практики е најважниот сегмент, бидејќи државите во нашиот регион се наоѓаат во различни фази од процесот на изградба на сеопфатен систем за заштита на критичната инфраструктура. Дел од нив имаат закони кои системски го уредуваат идентификувањето, односно дефинирањето и заштитата на критичната инфраструктура, при тоа, се разбира, имаат и повеќегодишно искуство во примената на законите, а дел, меѓу кои и Северна Македонија, се наоѓаат во фаза на изработка на својата легислатива.

Ова го истакна претседателот Стево Пендаровски кој денеска се обрати на конференцијата „Кон отпорност и заштита на критичната инфраструктура: регионална размена“ во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“ – канцеларија во Скопје, во соработка со Претседателскиот центар за политичко образование.

-Постои широк консензус дека заштитата на критичната инфраструктура во која спаѓаат сите физички и организациски процеси нужни за нормално функционирање на државата се национална задача од прв ред. Во изминатите години се соочувавме со повеќе кризи кои сериозно го нарушија нормалното функционирање на општеството и државата. Повеќе не се поставува прашањето дали ќе има нова криза, туку каква и со кој интензитет ќе биде следната. Теоретскиот концепт за „општество на ризик“ од осумдесетите години на минатиот век, што се појави како реакција на нуклеарната хаварија во Чернобил, за жал, денес е реалност во која секојдневно живееме. Здравствената криза предизвикана од пандемијата на КОВИД-19 ни покажа дека и болниците коишто вообичаено не се вбројуваат во институции од критичната инфраструктура од прв степен, можат да станат такви установи доколку кризната ситуација го налага тоа.

Сепак, она што се случи по стивнувањето на пандемијата на најбрутален начин ни покажа колку е важно да бидеме подготвени да ги заштитиме објектите и системите од критична важност за функционирање на нашите држави и општества. Се разбира, тука се реферирам на руската агресија врз Украина којашто во Европа повторно ја врати безмалку заборавената агресивна војна од една држава кон друга, од историските архиви во реалноста.

Денеска сме сведоци како војната од конвенционален тип која Русија ја води против Украина е истовремено и хибридна војна против најголемиот дел од државите во Европа кои ја осудија руската агресија и кои активно ја помагаат Украина да го одбрани својот територијален интегритет и суверентитет. Нападите врз нуклеарните централи во Украина не само што го нарушуваат пазарот на електрична енергија, туку се реална опасност за предизвикување нуклеарни инциденти со несогледливи последици по животот на целиот континент. Диверзиите врз гасоводната инсфраструктура дополнително ја влошуваат енергетската криза, а повеќемесечната блокада на главните пристаништа на Црното море во Украина сериозно го нарушија глобалниот пазар на храна.

Повеќе години наназад сведочиме за хакерски напади врз клучните компјутерски системи на повеќе држави во регионот од државно спонзорирани поединци и групи. Таквиот тип на војување во епохата на забрзана дигитализација доведува до парцијална или целосна парализа на транспортот, банкарскиот систем, здравствениот систем, како и до попречување на работата на многу други владини агенции кои се критични за редовното функционирање на државата. Ваквиот вид на, во суштина, државно спонзориран тероризам, во некои ситуации, може да нанесе штета поголема дури и од класичните воените напади.

На минатогодишната конференција посветена на истата тема нагласив дека ни е потребен систематски пристап без импровизации во регулирањето на заштитата на критичната инфраструктура. Ме радува дека во рамките на Министерството за одбрана веќе активно се работи на првиот Закон за критична инфраструктура во Северна Македонија и се надевам дека за кратко време предлог- законот ќе влезе во собраниска процедура. Сметам дека во процесот на изработка на законот, многу важно ќе биде настојувањето да се воспостави сеопфатен систем во кој ќе се избегне непотребното дуплирање на ресурсите, паралелизмот или преклопувањето во надлежностите, кое само по себе може да го закочи или направи системот инертен во критични моменти.

Исто така, со оглед на степенот на влијание врз нормалното функционирање на сите витални подсистеми на државата, мислам дека е клучно да се започне со регулирањето на енергетиката и транспортот, а потоа, постепено да се регулираат и другите сфери. Притоа, да повторам, важно е да се регулираат и сферите кои не спаѓаат во традиционална сфера на критична инфраструктура, но, за кои искуството не научи дека во определен контекст можат да бидат.

Сега, кога конечно ги започнавме и преговорите за пристапување во Европската Унија треба да имаме и дополнителен мотив што побрзо да се усогласиме со европските стандарди во оваа област и да ги усвоиме најдобрите европски практики. На тој пат, регионалната соработка со другите држави што се во процес на европска интеграција може да ни биде само од полза.

На крајот, дозволете ми уште еднаш да го изразам моето задоволство од одржувањето на оваа конференција. Да ви посакам корисни дискусии од кои ќе произлезат практични препораки со употребна вредост при градењето на системот за заштита на критичната инфраструктура, додава Пендаровски.

Најнови вести