Претседателот Стево Пендаровски денеска во Охрид се обрати на затворањето на Летната школа за партиципативно управување и граѓанско – јавно партнерство: „Liquid Frameworks, Solid Institutions — building participation from the bottom up” во организација на Кооператива – регионална платформа за култура.
– Независниот културен сектор е општествената група која се бори освен за својот примарен интерес во сферата на современите културни политики и за промени на демократските принципи на заедницата кои ќе бидат апликативни за сите, а не само за мали привилегирани групи, рече Пендаровски.
Изрази надеж дека оваа платформа темелно да ја зацврсти културната соработка на Балканот и пошироко и ќе отвори нови хоризонти и перспективи во општественото ситуирање на независниот културен сектор и неговата соработка со политичките структури со различен идеолошки предзнак.
Целта на летната школа, на која партиципираа учесници од 11 земји од Југоисточна Европа и Западен Балкан, е да ги изгради капацитетите на граѓанските организации за креирање на иновативни модели на граѓанско – јавно партнерство, партиципативно управување, активно граѓанство и еманципаторна институционална трансформација, соопшти Кабинетот на претседателот.
Претходно, претседателот Пендаровски оствари средба со претставници на „Кооператива“ на која беше запознаен со нивните тековни активности и современи и иновативни регионални структури за културна соработка. На средбата претседателот ги поздрави нивните заложби за подобрување на работните услови во граѓанскиот сектор во современата уметност и култура, како и проектите за развивање и јакнење на културната соработка во Југоисточна Европа.