Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на проектот „Лице в лице со претседателот“ денеска ја посета општина Виница.
Претседателот Пендаровски ја посети компанијата Макпрогрес, каде беше запознаен со тековната работа на компанијата, чија примарна дејност е производство на кондиторски производи, преработка, обработка и доработка на земјоделски зрнести култури, како и сегментот на здрава храна.
Претставниците на компанијата, која со над 600 вработени е меѓу најголемите прехрамбени компании во регионот, го запознаа претседателот Пендаровски и со идните планови за инвестиции и проширување на производството. Пред претседателот Пендаровски беше претставена и работата на „Прогресив Академија“, тренинг центар на компанијата во чии рамки функционираат Академијата за извршни директори и Винчини академијата за развој на технички вештини.
За време на посетата, претседателот Пендаровски го посети локалниот археолошки и историски музеј „Теракота” – Виница. Претседателот Пендаровски ја разгледа постојаната поставка на музејот, која опфаќа над 300 значајни археолошки предмети, вклучувајќи ги најрепрезентативните и уникатни артефакти – теракотни икони од Виничкото Кале. Кустосите го информираа претседателот за тековните активностите поврзани со конзервација на Виничко Кале, како и за проектите и изложбите во коишто учествува музејот, вклучувајќи ја и претстојната изложба на теракотните икони во Кордоба, Шпанија.