Претседателот Стево Пендаровски се уште не се изјаснува дали ќе се кандидира на следните избори за шеф на државата. Вели дека најважна му е поддршката од граѓаните.
Во вечерашното гостување во телевизија „Сител“, Пендаровски не одговори ниту дали претседателските и парламентарните избори следната година треба да се одржат истовремено.
-Не знам. Кога ќе дојде време веројатно ќе се изјаснам. Јас сум рекол важна ми е поддршката од коалицијата која во 2014 ми ја даде таа поддршка, не само од 2019, но далеку поважна ми е поддршката од граѓаните. Ако ја немам, нема да размислувам, но ако ја имам, можам да размислувам заедно со политичките субјекти кои би сакале во тој период да ме поддржат, рече Пендаровски.
На прашањето дали претседателските и парламентарните избори треба да се одржа истовремено следната година, тој рече дека нема да одговори бидејќи тоа ќе се смета дека тој има некаков личен интерес од тоа.
–Јас сум актуелен претседател и ќе речат дека имам некаков личен влог или личен интерес во тоа, а немам. И затоа преферирам да не ви одговорам на прашањето, рече Пендаровски.
Според Уставот и законските рокови, како што посочи, овие избори не се врзани. Претседателските избори, вели тој, мора да се одржат догодина во април, бидејќи на 12 мај завршува мандатот на Претседателот.
Пендаровски не сака да зборува за тоа дали треба да има избори, па потоа уставни измени, иако лани ја застапуваше таа теза.
– Јас сум од почетокот на оваа теза, меѓутоа не сум јас тој кој го води политичкиот процес. Дали ќе има избори или не, е работа на оние кои ќе набројат 61 рака и ќе гласаат за распуштање на Парламентот. Јас не сум пратеник и немам свои пратеници, рече Пендаровски.
Објаснувајќи ја неговата минатогодишна теза, тој рече дека било јасно уште од почетокот дека немаме две третини за уставни измени и дека е потрошено премногу време.
– Беше јасно уште од почетокот дека нема да има две третини. И јас велев, ако нема две третини, немојте наредните година и пол или две – колку што имавме тогаш до избори, да се занимаваме само со Бугарија. Имаме толку многу приоритети внатре, дајте да се посветиме на внатрешните реформи и на тоа да го направиме животот полесен за нашите граѓани. Сега за жал, од ланскиот јуни-јули кога гласавме во Парламентот за Преговарачката рамка до денес, 50 проценти од сите дневни вести на некој начин се поврзани со тоа кој што рекол во Бугарија, а како ќе се одговори. Мислам дека потрошивме многу време, рече Пендаровски.
На прашањето дали се уште е на ставот дека е подобро да се оди на избори, тој вели дека веќе не зборува за избори. – Не, не зборам за избори. Веќе не е мое прашање, рече Пендаровски.