Нема политика кај дел од пензионерите, меѓутоа во Иницијативниот одбор има политика, името е ВМРО-ДПМНЕ. Сите членови на Иницијативниот одбор се токму од вашите органите на партијата – од извршниот одбор, од Унијата на жени, претставници на вашата политичка партија, истакна министерката за труд и социјана политика Јованка Тренчевска одговарајќи на прашање на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Петар Ристески околу преговорите за пензиите.
-Ние се грижиме за пензионерите со новата методологија. Со таа методологија два пати во годината покачуваме пензии на пензионерите. Два пати и сега во октомври ќе следува повторно покачување. Тоа значи дека постои раст на пензиите. Тоа значи дека се грижиме за пензионерите. Минатата година со пакетот за антикризни мерки токму ги допревме сите пензионери, но и оние со најниска пензија со финансиска поддршка согласно Законот за финансиска поддршка. И сега креираме мерки за социјална поддршка за најранливата категорија на граѓани во која ќе бидат вклучени пензионерите со најниски пензии. Доста со популизам за ситни политички поени. Доста со лаги и невистини, рече Тренчевска.
По завршување на обраќањето на Тренчевска, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојановска во процедурална реакција истакна дека министерката на пленарна седница треба да каже што сработиле за пензионерите.
-Согласно членот 94 од Деловникот, кој што вели дека одредбите за одржување на ред на седницата во Собранието се однесуваат за сите учесници на седницата. Ако може госпоѓата министерка ако вежба одржување митинг во пленарна сала на пратенички прашања, го згрешила и времето и местото. Госпоѓо министерке, овде не сте на партиски митинг и да зборувате за криминалите на ВМРО-ДПМНЕ. Овде сте да зборувате што сте сработиле, рече Стојановска.
Пратеничката Стојановска реагораше за однесувањето на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ , рече да и е срам за неговите постапки посочувајќи дека од седиште и праќал банкежи.
-Вие молчете вицепремиер за европски прашања, затоа што сте најјак од седиште. Да излезете на микрофон и да го зборувате тоа што го зборувате позади микрофон. Како не ви е срам. Нека ве снимаат камери. Ужас сте. Нека ве сликаат како праќате бакнежи. Лигав еден. Како не ви е срам. Бакнежи и намигнувања, само дома вицепремиеру, истакна Стојановска.
До потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски упати забелешка дека не смее да „дозволи партиски митинзи“ за време на пленарна седница за пратенички прашања.
Откако воспостави ред на седницата, Мисовски објасни дека нема обврска на претставниците на Владата да им го конципира одговорот.
-Второ, не спаѓа во одржување на ред, ако министер во Владата искаже политички став. Министерката за труд и социјална политика искажа политички став. Но, како трето, му го одземе правото на твојот колега Петар Ристески, бидејќи деловнички јас треба да го повикам да каже дали е задоволен или не од одговорот, рече Мисовски. (МИА)