понеделник, 18. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Петровска до припадниците на Армијата кои заминуваат во НАТО мисиите во Бугарија и Романија: Вие сте браникот на современите цивилизациски вредности

Петровска до припадниците на Армијата кои заминуваат во НАТО мисиите во Бугарија и Романија: Вие сте браникот на современите цивилизациски вредности

Чест ми е што стојам пред вас, припадниците на македонската Армија, нашата НАТО Армија. Вие сте првите единици во борбените групи на Алијансата во Бугарија и во Романија, каде заедно со припадниците на вооружените сојузнички сили сте составен дел од колективниот систем за одвраќање и одбрана. Знам дека одлично ќе се вклопите во заедничкиот тим во овие две земји и дека ќе бидете армиски припадници на кои секој ќе може да се потпре.

Ова е пораката од министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната свеченост во касарната „Илинден“ во Скопје по повод испраќањето на два вода од Армијата во борбените групи на НАТО во Бугарија и Романија.

Петровска, како што соопшти Министерството за одбрана, истакна дека денешната реалност е исполнета со безбедносни предизвици, но дека НАТО е силен и одлучен во својата намера да ја заштити евроатлантската област, вклучувајќи го и нашиот регион и нашата земја.

– Нашиот сојузнички одговор е јасен и гласен. Нема да дозволиме никој да ја загрози нашата безбедност и безбедноста на нашите граѓани, нашите блиски и нашите семејства. НАТО е одбранбена алијанса и не претставува закана за ниту една земја, но НАТО е подготвено и обединето во одбраната на секоја педа сојузничка територија, а тоа е факт кој можеме да го видиме и денеска на ова свечено испраќање, нагласи министерката Петровска.

На припадниците на Армијата упатени во овие две борбени групи, таа им упати порака да бидат горди на себе зашто се браникот на современите цивилизациски вредности и се составен дел од колективната одбрана што ни овозможува да живееме во мир и безбедност.

– Покажете сè што знаете и умеете зашто вашиот професионализам е видлив, а вашата мотивација висока. Помогнете во колективните напори за зацврстување на безбедноста на НАТО и вратете се дома кај своите семејства. Ве очекуваме со уште поголемо искуство и посилен мотив да продолжите секојдневно да работите за просперитетот на својата нација, порача Петровска.

Борбени групи во Бугарија и Романија се дел Зголемените активности за будност на НАТО (NATO enhanced vigilance activities – НАТО еВА), со цел засилување на источните граници на Алијансата и се дел од четирите мултинационални борбени групи, формирани по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Најнови вести