петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Петровска: Донациите за Украина не ја нарушуваат борбената готовност на земјава

Петровска: Донациите за Украина не ја нарушуваат борбената готовност на земјава

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска истакна дека со донациите за Украина не се нарушува борбената готовност на државата и нагласи дека Македонија е безбедна земја, која како и останатите држави е изложена на хибридни закани.

Петровска во гостувањето на Студио 10 на ТВ 24 изјави дека одлуките за испраќање помош на Украина не се кријат, туку се класифицираат деталите од практични причини. Таа додаде дека одлуките за донации детално се заведени во архивата на Министерството за одбрана и кога ќе има можност ќе бидат детално објавени.

– Најбитно е дека сѐ што сме донирале ѝ требало на Украина и дека не станува збор за реклама, вели Петровска, додавајќи дека со тие донации не е нарушена борбената готовност на земјата.

Таа не очекува дека ќе има развој на борбените дејствија од Украина пошироко во Европа. Петровска додава дека Украина не може сега да стане членка на НАТО оти не ги исполнува условите, но земјата добива и ќе добива помош од Алијансата.

– Украина не војува, Украина ја брани својата територија, нагласи министерката.

Што се однесува до безбедноста на Северна Македонија, Петровска вели дека сме безбедна држава, која како и сите други земји е изложена на кибер напади и хибридни закани. Целта на овие закани и напади, додава таа, е предизвикување недоверба и несигурност во општеството.

– Институциите во државата си ја вршат работата и граѓаните треба да имаат доверба, вели Петровска, која и сама била жртва на хибриден напад.

Таа претпоставува дека причината за хибридните напади врз неа се поттикнати од нејзиниот цврст став кон неправедната војна против Украина.

– Нашите позиции за Украина не беа поттикнати од инструкциите од НАТО, туку беа изградени во рамки на институциите. Ние сме независна држава, а нашиот глас се слуша во Алијансата, бидејќи сме рамноправна членка, вели Петровска.

Таа вели дека сите безбедносни организации во државата соработуваат меѓу себе, а нејзините очекувања се сите институции да реагираат во рамки на своите надлежност и да ги обесхрабрат ваквите напади. – Власта, вклучително и судската, треба да обезбеди безбедност и сигурност на граѓаните, вели Петровска.

– Закани од конвенционален тип врз земјава немаме. Секогаш кога имаме какво било предупредување институциите преземаат мерки, без оглед што се води војна на европско тло, додава министерката.

Во врска со воведувањето задолжителен воен рок, Петровска вели дека засега не се отвора оваа дебата и додаде дека земјава стратешки се базира на професионална војска и дека треба да се пресмета колкави ќе бидат бенефитите, а колкави трошоците од воведување воен рок.

– Ние во Законот имаме можност за доброволно служење воен рок и интересот воопшто не е голем, за разлика од интересот за професионалната војска, вели Петровска.

Таа нагласи и дека има раст на буџетот за Армијата, согласно членството на НАТО, но сепак со разбирање на кризната состојба во која се наоѓа земјата.

За оставката што вчера повторно ВМРО-ДПМНЕ ја побара од министерката за одбрана, таа коментира дека доследно го имплементира Законот за измени и дополнувања на Законот за Армијата, кој ги засега вработените во Армијата и за сите проблеми и состојби разговара со вработените чијшто работодавач е Министерството за одбрана.

– Со сите четири синдикати се усогласивме за покачување на платата на сите вработени линеарно за 2000 денари. Законот беше поднесен во Собранието и помина за разлика од претходниот кој беше блокиран од опозицијата. Овој закон го решава и проблемот на вработените на кои им престанува работниот однос кога ќе наполнат 45 години. Се појави проблем при пресметките, но тоа го решивме заеднички со синдикатите, изјави Петровска.

Таа додаде дека ако пратениците имаат забелешки на нејзината работа не треба да бараат нејзина оставка, туку треба да поднесат интерпелација.

Најнови вести