На денешната средба во Министерството за одбрана меѓу министерката за одбрана Славјанка Петровска и ополномоштената амбасадорка на Украина во Северна Македонија, Наталија Задорожњук, од страна на министерката Петровска беше уште еднаш потенцирано дека нашата земја како и сите останати земји членки на НАТО дава недвосмислена поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.
Петровска на средбата истакна дека како земја-членка на НАТО, Северна Македонија ја поддржува политиката на отворени врати на НАТО и правото на секоја земја да се определи за својата иднина.
Амбасадорката Задорожњук изрази благодарност за недвосмислениот став за поддршка на Северна Македонија на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, и поддршката за политиката на отворени врати на НАТО.
Министерката го потврди ставот на Северна Македонија дека најдобро решение е дипломатското решение на кризата во Украина, како и поддршката за напорите на НАТО за користење на сите дипломатски и политички алатки за намалување на тензиите и де-ескалација на ситуацијата.