Резултатите од мојата работа се видливи и се погласни од неумесните и неуспешни обиди на некои структури да го минимизираат и анулираат она што е видлив развој. И тогаш и сега велам, ниту еден напад кон мене, нема да ја разниша мојата одлучност одбраната да биде уште посилна и поразвиена, Армијата да биде уште поопремена и позадоволна, државата да биде уште побезбедна, а граѓаните посигурни. Тоа е мојата цел, а граѓаните ќе ценат по тоа што сме го сработиле, а не по празните лаги и невистини кои се лиферуваат од јавни говорници.
Ова е одговорот од министерката за одбрана Славјанка Петровска на прашање во интервју за порталот Рацин.мк, дали ги смета нападите против неа како еден вид хибридна, специјална војна, со која се прави обид да се создаде сомневање во вредностите на нашите одбранбени политики, во безбедносните структури како што е министерството или Армијата.
Министерката Петровска вели дека поддршката од сојузниците и соработката со нив за нас е секојдневие. Солидарноста, нагласува, навистина е силно изразена, и кон нас, како кон една од поновите земји членка на НАТО, но и од нас кон сојузниците кога тоа е потребно.
– Неколкупати ја потенцирав нашата одлична соработка со САД, сојузници и стратешки партнери со кои имаме развиено стратешки дијалог. Минатата година САД нè поддржаа со вкупно 137 милиони долари, пари кои ќе бидат вложени во опремување и моденизација на Армијата, што ако споредиме е половина од нашиот одбранбен буџет за годината. Тоа е сериозна поддршка која не може да се занемари, особено што таа поддршка е наменета за она што нам ни е приоритетно, а тоа е опремувањето, истакнува во интервјуто Петровска.
Додава дека поддршка во развојот на капацитетите имаме и од други наши сојузници – Обединетото Кралство, Турција, а одлична соработка имаме и со Словенија, особено зашто нашите припадници во мултинационалните сили на НАТО во Латвија се дел од словенечкиот контингент, Грција чие воено воздухопловство ја спроведува НАТО „Air Policing“ мисијата над македонското небо итн.
– Нашата земја не е единствениот пример за тоа како функционира сојузничката поддршка. По катастрофалните земјотреси во Турција, Северна Македонија беше меѓу првите земји кои испратија лица на терен, 60 наши војници деноноќно пребаруваа и успеаја да извлечат преживеани од под урнатините. Затоа, велам, солидарноста во НАТО не е само збор, таа е акција, потенцира министерката за одбрана Славјанка Петровска во интервјуто за Рацин.мк.