Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски во неговото гостување во емисијата „Клан Дебата“ која се емитува на ТВ Клан Македонија зборуваше за аферата „Тајни имоти“, чија цел, како што истакна тој е да се растресе трулиот систем кој што 32 години не успева да се очисти од корупцијата и криминалот.
„Суштината на оваа дебата е да го растресеме овој трул систем кој што 32 години не успева да се очисти од корупцијата и криминалот кој што го имаме во Република Македонија. Не може, еве барем за мене лично и за луѓето од партијата со кои што сме во раководството и соработувавме во делот на оваа афера или овој скандал да дозволиме дека непријавување на имот од 30 милиони евра на преку 123 функционери, е нешто кое што е небитно и нешто кое што не треба да биде обелоденето и споделено со јавноста. Постигнавме сериозни ефекти веќе во неколку дена“, истакна Петрушевски.
Тој исто така додаде и дека од одговорот на претседателката на ДКСК на неговото прашање во Собранието, може да се заклучи дека има голем проблем во функционирањето на институциите кои не си ги извршуваат обврските за кои се должни согласно закон.
„Денеска се утврди дека имаме сериозен проблем во функционирањето на институциите кои што, иако се должни согласно Законот за спречување на корупција и судир на интереси да секое именување, назначување го достават до Државната комисија за спречување на корупција која пак е должна да води регистар на именувани и избрани лица, истите тоа воопшто не го правеле и тоа е изјава денеска во Собранието на мое прашање го кажа претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска. Значи владата воопшто не ги известува ДКСК за сите назначувања кои што ги врши“, потенцираше Петрушевски.